1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Russisch-japanische Annäherung

Мартин Фриц/ Жана Ацеска29 април 2013

Проблемот со Курилските острови со децении го оневозможува мировниот договор меѓу Русија и Јапонија. Јапонскиот премиер Шинзо Абе е во посета на Москва, во нов обид за компромис.

https://p.dw.com/p/18Onu
Фотографија: Reuters

Средбата во Кремљ е се‘ друго освен рутинска посета, првпат по десет години во Москва доаѓа јапонски премиер. Руски претседател во Токио на гости последен пат бил пред 8 години. Притоа, двете земји во северопацифичкиот регион се директни соседи. Главна причина за политичката дистанца е спорот стар околу 60 години во врска со четирите острови: Кунашир, Итуруп, Шикотан и Хабомаи-Ајланд, во Русија наречени Јужни Курили, а во Јапонија - „северни територии“. На почетокот на февруари јапонските авиони, ловци-пресретнувачи повторно се вивнаа во воздух поради големите воени маневри на Русија. Потоа следеше изненадувачката најава на јапонскиот премиер Шинзо Абе (на насловната фотографија) за барање „меѓусебно прифатливо решение“.

И рускиот претседател Владимир Путин на подготвителна средба со јапонскиот екс-вицепремиер Јоширо Мори во март премина кон попомирливи тонови. „Не е нормално непостоењето никаков мировен договор“, истакна тој. Уште во март 2012 година Путин пледираше за „хикиваке“, израз кој доаѓа од јапонскиот борбен спорт џудо, што Путин страствено го практикува, а значи „нерешено“.

Конвергациски економски интереси

Политичкото проближување меѓу Јапонија и Русија резултира од растечкиот интерес на стопанството за меѓусебна соработка. Евтиниот бродски гас од САД ги поткопува руските бизниси со гас со Европа. Затоа, Москва сака да продава поголеми количини на Јапонија - досега Токио покриваше само 9,5 проценти од своите потреби за течниот гас од Русија.

Освен тоа, Русија посакува јапонски инвестици и технологии за својата индустрија. Путин се надева и на јапонска помош за развој на руското земјоделство во источен Сибир. Јапонската трговска фирма Зојиц ќе гради постројки за обезбедување со струја и топлинска енергија по должината на еден гасовод. Јапонскиот премиер Абе вчера допатува во Москва со голема стопанска делегација и беше примен од Путин во Кремљ. Околу 50-те јапонски бизнисмени од областа на енергетиката, трговијата, прехранбената индустрија, медицината и градежништвото, гледаат голем деловен потенцијал во изградбата на градска инфраструктура и снабдувањето со енергија во Русија.

Russland Putin Sport Judo
Владимир Путин е љубител на џудоФотографија: STR/AFP/Getty Images

Според информациите на јапонскиот стопански магазин Никкеи, двете страни планираат фонд од една милијарда долари за поттик на јапонските инвестиции во источниот дел од Русија. Рускиот енергетски концерн „Газпром“ со јапонските партнери „Иточу“ и „Јапан Петролеум Експлореишн“ ќе гради фабрика за течен гас во Владивосток. Кон средината на април рускиот концерн „Роснеф“ и јапонската фирма „Марубени“ исто така потпишаа преддоговор за фабрика за течен гас.

Двете страни со економската соработка имаат и политички намери, кои пред се‘ се однесуваат на Кина. Русија со загриженост гледа на растечката економска и воена сила на Кина. На далечниот исток на Русија расте кинеското влијание преку прекугранични работници и претпријатија. Јапонија е природен капитал-партнер на Русија, кој може да го огранични кинеското влијание во регионот. Истовремено Јапонија е идеален консумент за природните ресурси од Сибир. Владата во Токио исто така сака да спречи сојуз на Русите и Кинезите против јапонските интереси.Јапонските медиуми се нафрлија против заедничко соопштение на Пекинг и Москва во март. Претседателите Си и Путин преку него ветија меѓусебна поддршка во територијални и безбедносни прашања. Тоа во Токио разбуди страв дека Русија во спорот околу островите Сенкаку/ Диаоју во Источнокинеското Море може да застане на страната на Кина.

Kurilen Inselgruppe Russland Japan
Повеќедецениски спор околу Курилските острови меѓу Јапонија и РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Комплицирана правна ситуација

Само решение на спорот за Курилските острови може да доведе до брзи напредоци во јапонско-руските односи. Русија уште од крајот на 50-те години нуди откажување од две релативно мали острова во близина на Хокаидо. Но, Јапонија досега бараше Русија да се одрече од сите четири окупирани острови. Кога екс-премиерот Мори во март размислуваше дали Јапонија може да се откаже од еден од четирите острови, тој беше исвиркан во Токио.

Абе и Путин во Москва можат да се впуштат во нови преговори. Прашањето за Курилските острови правно е многу комплицирано. Русија кратко пред крајот на војната го прекина пактот за ненапаѓање со Јапонија и ги зазеде четирите острови. Во 1951 година Јпаонија во договорот од Сан Франциско се одрече од Курилските острови, кои ги имаше освоено уштево 1905 година. Но, од аспкет на Токио, спорните острови не припаѓаат кон Курилските острови, додека Русија воопшто и не го потпиша договорот. Од воспоставувањето дипломатски односи во 1956 година, прашањето за островите остана отворено. Водите околу острвите се богати со рибен фонд, а постојат и богати наоѓалишта на ретки метали, земен гас и нафта, што го комплицира решението.