1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авантурата „азил во Германија“ не се исплатува

Силвера Падори-Кленке4 октомври 2012

Бројот на баратели на азил од Македонија во август, споредено со јули пораснал за 188 отсто. Најпогодена е Баварија од каде е побарано и укинување на безвизниот режим. Очекувањата биле преголеми велат двајца азиланти.

https://p.dw.com/p/16JXX
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

За да се одбрани од лажните азиланти, Јоахим Херман министер за внатрешни работи на Баварија, деновиве побара укинување на безвизниот режим за Македонија, но и за Србија, од каде е најголемиот бран. Во разговор за ДВ го прашавме министерот Херман: дали знае колку е обесхрабрувачко неговото барање, особено ако се има предвид дека Македонија и онака има тешкотии на европскиот пат и прави многу да го сопре несаканиот тренд?

Сакаме соработка, но не и азиланти од Македонија!

„Знам дека за Македонија ова е тешка ситуација. Но, во моментов е екстремно тешко и за Германија. Се работи за илјадници злоупотреби на правото на азил. Постојат две можности: или заеднички со Македонија ќе се одбраниме од ваквите злопутреби или ќе треба да се укине безвизниот режим, зашто тоа не е смислата на слободата во патувањето. Ние сакаме добри и силни економски односи меѓу Македонија и Германија, но не и масовно доаѓање на баратели на азил од Македонија кои тука сакаат социјални привилегии“, изјави за ДВ министерот Јоахим Херман, кој во мај годинава престојувал во Македонија и за ова разговарал и со својата ресорна колешка. Добил ветување дека ќе биде направено се’ да се спречат лажните азиланти. И самиот се уверил дека во Македонија нема прогонувања од политички и религиозни причини, што значи - нема вистинска основа за азил, поради што барателите по правило и се одбиваат.

Прашуваме: дали не ќе биде поефикасно и Германија, како Швајцарија, предметите да ги решава за 48 часа?

Joachim Herrmann Innenminister Bayern
Јоахим Херман министер за внатрешни работи на БаваријаФотографија: picture-alliance/ dpa

„И јас барам постапките битно да се забрзаат. Примерот на Швајцарија е наместо. Посакувам во рамките на ЕУ и во Германија да се постигне забрзување на постапка преку која луѓето кои очигледно немаат право на азил и туку сакаат само да дојдат до пари, за само неколку дена да може да бидат вратени од каде доаѓаат. За ова се потребни промени во регулативата на Германија и ЕУ, но во секој случај не смееме настанатата ситуација и натаму да ја толерираме“, вели за ДВ Јоахим Херман, министер за внатрешни работи на Баварија, каде во август пристигнале 720, а во септемеври 1044 македонски државјани, најголем број Роми, потенцијални баратели на азил.

Не е како што кажуваат!!!

До Берлин, кој е далеку од границата, баратели на азил од Македонци тешко стасуваат. Во најголемиот прифатен центар на „Мотард штрасе“ 101 а, разговаравме со 40-годишната Силвана и нејзиниот 17-годишен син Горан од скопската населба Ченто, кои тука се од пред две седмици и за ДВ говорат под псевдоними.

„Еден човек со кола не донесе до Дортмунд. Не остави таму. Три дена седевме во Банот (подземната станица), таму спиевме, додека полицијата не не најде и не однесе во Дортмунд. А, оттаму не пратија тука“, раскажува Силвана која во Скопје, каде има уште три деца, немала работа и како вели - од мака тргнала за Германија.

„Овде не е добро! Мислевме дека ќе биде добро. Покатастрофално е и од дома. Нема никакви услови. Валкано е. Нема каде да се избањаш. Не е како што ни рекоа!. Треба со очи да видиш, па да се увериш. Но, има каде да преспиеме, не сме на улица“, кажува Силвана која за патот до Германија за двајцата платила половина од бараните 500 евра. Кога стасале Берлин, во прифатниот центар двајцата добиле 80 евра џепарлак. Колку ќе добијат во октомври - не знае, но чувствува дека авантурата „азил во Германија“ нема да излезе на арно.

„Не е подобро од Македонија. Овде не си слободен, немаш никого, јазикот не го знаеш, не можеш да се снајдеш…“, со воздишки коментираат Горан и Силвана.