1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионска трагедија-загина полскиот претседател

10 април 2010

Полскиот претседател Лех Качински денеска (10.04.2010) загина во авионска несреќа кај Смоленск во Русија заедно со сите патници во авионот.

https://p.dw.com/p/Msde
Авионот кој се урна кај СмоленскФотографија: AP

Во авионот Тупољев-154, со кој патуваше полскиот претседател Лех Качински и кој се урна изутрината кај Смоленск, во западна Русија, имало меѓу 88 и 132 патници (точниот број патници се’уштер не е познат), а според информациите ниту еден патник не ја преживеал несреќата, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.

Гувернерот на руската Смоленска област Сергеј Антуфиев за начинот на кој се урнал авионот изјави: „При слетувањето авионот не успеал да ја стигне пистата. Според досегашните сознанија, авионот ги закачил околните дрвја, при што дошло до оштетување и тој се распаднал.“

Lech Kaczynski 2008 Flash-Galerie
Загинатиот претседател на Полска, Лех КачинскиФотографија: AP

Бројна полска делегација на комеморацијата во Катин

Полската официјална делегација, предводена од Качински денеска требаше да присуствува на церемонијата со која се одбележува 70-годишнината од убиството на 22 илјади полски офицери и интелектуалци во 1940 година од советските агенти во Катинската шума, во близина на Смоленск. Планираните церемонии во Катин се откажани.

Полскиот претседател, неговата сопруга Марија и високи полски функционери се меѓу загинатите патници. Во составот на полската делегација имаше повеќе високи функционери - началникот на генерал-штабот на полските вооружени сили, гувернерот на Централната банка, заменик-министерот за надворешни работи, пратеници и историчари.

Авионот добил предупредување

Lech Kaczynski Wahlsieg 2005
Лех КачинскиФотографија: AP

Авионот Ту-154, кој беше управуван од екипаж на претседателскиот авионски тим, се урна при слетувањето на аеродромот во Смоленск, на околу 400 километри западно од Москва. Несреќата се случила поради условите на густа магла.

На местото на несреќата работат истражувачки екипи, кои ги испитуваат причините за инцидентот. Полски воени извори во меѓувреме соопштија дека контролните служби на аеродромот во Смоленск му препорачале на авионот да не слетува. Според руските медиуми пилотот четирипати се обидел да го приземји авионот.

Авионот Ту-154М бил произведен во поранешниот Советски сојуз, а во употреба бил повеќе од 20 години. Тој бил користен и од претходните полски претседатели.

Во меѓувреме функцијата претседател во Полска во согласност со уставот ја презема претседателот на Долниот дом на Парламентот, Бронислав Коморовски, кој во рок од 14 дена треба да објави кога ќе се избира нов шеф на државата.

Полскиот премиер Доналд Туск за денеска закажа вонредна седница на владата.

Автор: ЖА/АТ/дпа/ртр/афп

Редактор: Александра Трајковска