1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авион на Џерман Вингс „за влакно“ избегнал катастрофа

ЕМФ/дпа/дапд/ртр28 септември 2012

Авион на Џерман Вингс пред речиси две години во последен момент успеал да слета по проблеми во кокпитот. Синдикатот на пилотите ја обвинува компанијата дека „неодговорно ги ублажува размерите на инцидентот“.

https://p.dw.com/p/16H3A
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според извештај на Сојузната служба за истрага на авионесреќи (БФУ), објавен речиси две години по настанот, се вели дека двајцата пилоти при слетувањето на Келнскиот аеродром почувствувале невообичаен мирис и потоа почнало да им се лоши и добиле вртоглавица и проблеми со концентрацијата. И покрај тоа што ставиле маски со кислород, копилотот веќе не бил во состојба да ја спушти машината, а многу лошо се чувствувал и пилотот.

Џерман Вингс зборува за случај во кој патниците и персоналот на авионот не биле загрозени. Капитенот и‘ дал на компанијата до знаење дека „во секое време има целосна контрола“, соопшти денеска (28.09) портпарол на Џерман Вингс. Според компанијата, пилотот „краткорочно чувствувал извесни промени“, но тие веднаш исчезнале откако ја ставил маската со кислород.

Сојузната служба за истрага на авионесреќи (БФУ) една година по инцидентот сметала дека нема потреба од истрага, но потоа добила нови информации и се одлучила да направи детална проверка на случајот.

Синдикатот на пилотите ја обвинува Џерман Вингс дека ја спуштала топката за да избегне истрага, а компанијата се брани, тврдејќи дека „на властите им се доставени веднаш сите информации на располагање“. Пилотот пополнил формурал на БФУ веднаш по слетувањето, уште додека се наоѓал во кокпитот. По слетувањето, и на пилотот и на копилотот во возило на службата за итна помош им е утврдено ниско ниво на кислород во крвта.

Агенцијата за воздушна пловидба и Министерството за екологија не сакаат да се изјаснуваат за случајот и укажуваат дека истрагата е во рацете на БФУ и дека се чека на завршниот извештај.

Џерман Вингс е компанија ќерка на Луфтханза, која нуди евтини летови. Основана е во октомври 2002 година и реализира летови до 90 дестинации во Европа и Средоземноморскиот регион. Минатата година Џерман Вингс имаше обрт од 687 милиони евра, што значеше пораст од 9% во однос на 2010 година.