1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авион се запали во Сан Франциско

Никол Марквалд / Елизабета М. Фиданоска7 јули 2013

Во несреќа што се случи при слетување на авион во Сан Франциско загинаа двајца Кинези, а повредени се 182 лица. Боингот 777 на компанијата Азијана Ерлајнс по приземјувањето се запали. Причините за несреќата не се познати

https://p.dw.com/p/193Kd
Фотографија: Reuters

Летот 214 на Азијана Ерлајнс заврши покрај пистата. Таму успеа да запре Боингот 777 со 307 патници и членови на екипажот. Трупот на авионот е прекршен, голем дел од покривот е откорнат, а делови од авионот лежат насекаде во околината.

Голем дел од патниците се спасени, односно извадени од авионот со помош на лизгалка за итни случаи. Неповредени во несреќата останаа 123 патници. Меѓу нив е и Елиот Стоун, кој со семејството имал места во средината на економи-класата. При слетувањето Стоун забележал дека авионот невообичаено брзо лета кон пистата. Тој за телевизијата Си-Ен-Ен рече: „Се‘ одеше прилично брзо надолу и пред да допреме до земја звучеше како моторите повторно да почнуваат да работат со полна брзина и како брзината да се зголемува, а потоа задниот дел од авионот ја допре земјата и сите летнавме во насока на покривот на кабината.“

Flugzeugunglück in San Francisco
Фотографија: Getty Images

Откако Боингот успеа да запре покрај пистата, од трупот на авионот се издигна пламен и чад. Според противпожарните единици, во околните болници се пренесени 182 патници, од кои 49 се со тешки повреди. Загинаа две лица, а едно лице се‘ уште се води за исчезнато. Двајцата загинати имаат кинески пасоши. По несреќата аеродромот е затворен, но во меѓувреме сообраќајот повторно се одвива делумно.

Причината за несреќата е непозната

Се‘ уште не е јасно која е причината за несреќата на авионот кој тргна од Шангај, со меѓустаница во Јужна Кореја. Боингот 777 важи за безбеден авион. Азијана Ерлајнс редовно добива добри оценки и член е на Стар Алијанса. Компанијата е втора по големина јжнокорејска авиокомпанија, која има линии го голем број места на западниот брег на САД. ФБИ категорично исклучи можност дека може да станува збор за терористички напад.