1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австралиските пензии ќе стигнуваат во Македонија

26 октомври 2009

Македонскиот премиер Никола Груевски и австралискиот, Кевид Рад, во Канбера потпишаа договор за социјално осигурување, кој на Македонците им овозможува својата пензија оттаму да ја добиваат во татковината.

https://p.dw.com/p/KFDA
Никола Груевски е во посета на АвстралијаФотографија: Petr Stojanovski

Македонците кои својот работен век го завршиле во Австралија можат да размислуваат за враќање во татковината. Австралиската пензија ќе ја добиваат и во Македонија. Тоа го овозможува денеска (26.10.2009) потпишаниот договор за социјално осигурување. Заверен со потписите на двајцата премиери, австралискиот Кевин Рад и македонскиот Никола Груевски, договорот ќе почне да се применува од 2011.

“Овој договор ги отсликува блиските врски меѓу луѓето од двете земји и е прв формален договор од воспоставувањето на дипломатските односи пред 14 години во октомври 1995 година“, изјави шефот на австралиската влада.

01.12.2008 DW-TV GLOBAL3000 Australien
Во Австралија живеат бројни македонски иселеници

Силни врски меѓу двете земји

Иако географски далечна, голем број Македонци ја чуствуваат Австралија како блиска и пријателска земја. Една од причините за тоа е секако бројната македонска заедница во Австралија, која, според официјалната статистика, надминува 80 илјади луѓе.

Врските со матичната земја се силни и значајни за Македонија. Двете земји имаат одлични билатерални односи во повеќе области. Двајцата премиери го споменаа заедничкиот ангажман во мировните мисии и предизвиците во економската сфера.

“Во иднина очекувам подинамична меѓусебна соработка меѓу Австралија и Македонија на економски план и поголемо присуство на австралиските инвеститори во Македонија“, кажа македонскиот премиер Груевски.

Задоволство кај дијаспората

Македонската дијаспора го поздравува потпишувањето на договорот за социјално осигурување. Договорот е значаен особено за македонските иселеници, кои по толку години престој во туѓина не расчистиле со носталгијата и со дилемата каде да ја уживаат пензијата. Но значаен е и за девизното салдо на Македонија.

По пречекот во Канбера со највисоки државнички почести, официјалната посета на Груевски на Австралија продолжува со нови средби со претставниците на македонската дијаспора. Утре е предвидено отворање на македонскиот конзулат во Мелбурн.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска