1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија почна со повлекување на војниците од Голанската висорамнина

АТ/ афп/ дпа/ апе/ ртре12 јуни 2013

Првата група австриски војници од мисијата на сините шлемови УНДОФ ги напуштија своите позиции на Голанската висорамнина. Во Израел расте загриженоста, дека би можело да и' се стави крај на целата мисија на ОН.

https://p.dw.com/p/18oHS
Фотографија: AFP/Getty Images

Околу 70 австриски војници на сините шлемови на ОН во оклопни возила ја минаа контролната точка кај Кунеитра на линијата на прекин на огнот меѓу Сирија и од Израел запоседнатата страна на Голанската висорамнина во правец кон Израел. Владата во Виена на 6. јуни го објави повлекувањето на 380 војници на сините шлемови под образложение за се' поголема загрозеност од сириската граѓанска војна.

Набљудувачките трупи на ОН, накратко УНДОФ односно официјално „United Nations Disengagement Observer Force“ од 1974 година ја надгледуваат речиси 70 километри демилитаризираната зона меѓу Израел и северните соседи Либан и Сирија. Австрија уште од самиот почеток учествува во мисијата и последно учествуваше со 380 од 1.000 војници на УНДОФ. Пред Австрија трупите веќе ги повлекоа и Канада, Јапонија и Хрватска. Понудата на Русија да го замени австрискиот контингент ја одби Советот за безбедност на ОН, со укажување дека како постојана членка во Советот за безбедност не може да испраќа сини шлемови во мисијата на УНДОФ.

Израел се надева на натамошно присуство на ОН на Голанската висорамнина

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху повтори дека неговата земја нема да се меша во сириската граѓанска војна, се' додека тамошното насилство не е насочено против Израел. Меѓутоа ако заврши мисијата на ОН тоа уште повеќе би ја отежнало ситуацијата.

„Наша голема грижа е, дека на Голан ќе добиеме иста ситуација како во Појасот Газа: религиозно мотивирани психопати, кои од Сирија ќе стрелаат со ракети врз нашите цивили“, изјави еден израeлски офицер на тајните служби, кој сакаше да остане анонимен.

Стратешки важната Голанска висорамнина Израел ја окупираше во шестдневната војна од 1967 година. Мисијата УНДОФ беше формирана дури по Јон Кипур војната во 1973 година, кога сириските трупи речиси ќе ги повратеа окупираните територии.

Со децении сириско-израeлската граница се сметаше за најмирна од сите граници на Израел. Меѓутоа, со борбите минатата недела во Кунеитра, единствениот сириско-израелски граничен премин и најавата на Австрија дека го повлекува својот контингент, мисијата на ОН на Голанската висорамнина западна во најголемата криза од нејзиното постоење.