1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автоиндустријата во Словачка и пркоси на кризата

Карл Харенброк/ Борис Георгиевски16 септември 2013

Словачка ја искористи шансата што ѝ се укажа со влегувањето во ЕУ и привлече многу странски инвестиции, посебно во автомобилската бранша. Во оваа земја се произведуваат најмногу автомобили по глава на жител во Европа.

https://p.dw.com/p/19Voi
Фотографија: dpa

Редица пред агенцијата за вработување во Братислава. Бројката на невработени во Словачка се удвои. Особено се погодени работниците во градежништвото. Фрустрацијата расте, што го чувствуваат и службениците во Агенцијата за вработување, како Јан Јурис. „Доаѓаат сѐ повеќе, и се под стрес и агресивни“, вели тој.

Автомобилската индустрија дејствува стабилизирачки. „Фолксваген“ токму вработи нови 1.000 работници во Братислава, во новиот погон за лакирање. Во фабриката се изработуваат моделите „Туарег“, „Ауди Q 7“ и малечкиот „УП“. Во минатата година беа произведени 420 илјади возила.

Без отпуштања

Во моментов пазарот во Европа е во пад, но од овде се извезува во повеќе од 140 држави. „И покрај тоа што во Европа станува потешко, ние имаме други пазари во Кина, САД и Русија, каде што сме успешни“, вели Владимир Махалик, портпарол на „Фолксваген“ Словачка

На францускиот авто-производител „ПСА“ не му оди толку добро. Во оваа фабрика во петоците лентите мируваат - производството е паднато за 20 проценти. Од 3.500-те вработени, сепак сѐ уште никој не е отпуштен - резултат на договорот меѓу раководството и синдикатите.

VW Autofabrik in der Slowakei
Фотографија: AP

„Со 'Пежо' договоривме 35-часовна работна недела, ги замрзнавме платите во следните две години и го воведовме конта на време поминато на работа. Затоа немаше отпуштања, и на тој начин спасивме 850 работни места“, истакнува Емил Махина од Сојузот на синдикати на Словачка.

Зависност од автоиндустријата

„КИА“ е трет по големина авто-производител во Словачка. Корејската фирма тука произведува за Европа и за Русија. Во фабриката во исто време се финализираат седум различни модели. Со таквата разновидност и со нови модели, Корејците се надеваат дека ќе ги задржат своите муштерии. Портпаролот на „КИА“ Јозеф Баце е оптимист: „Минатата година тука произведовме 292 илјади автомобили и претполагаме дека таквиот исход можеме да го повториме и оваа година“.

За економијата на Словачка, странските авто-производители се најважните потпорници. Ниту една друга европска земја не е толку зависна од подемите и падовите на светската автомобилска бранша.