1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автомобилите во иднина ќе возат на „ветер"

26 декември 2011

Нафтата на планетата ја има се´ помалку, а нејзиното користење носи несакани промени на климата. Стручњаците излезот од се´ поголемиот недостиг на енергија го гледаат во производството на „чиста“ струја, од ветер.

https://p.dw.com/p/13YBc
Наскоро треба да биде отворена првата пумпа на која ќе се точи „енергија од ветер"Фотографија: picture-alliance/dpa

Во последните децении се развиени модерните ветерници. Сепак, што да се прави кога има ветер, но нема потреба за струја - да кажеме преку ноќ? Тогаш на сцена стапува новиот „резервоар” на енергија – водородот. Водородот веќе денес може да се користи во посебни ќелии кои со согорување на тој гас произведуваат струја и чиста вода. Прашањето е само - како да се воспостави ефикасен систем?

Има ветер или нема? За Вернер Дивалд тоа веќе не е важно. Струјата која ја произведуваат неговите ветерници веќе не пропаѓа ако не се искористи веднаш, бидејќи струјата, низ процес на електролиза, се користи за производство на водород, а водородот може да се смести во резервоари. Со сегашната сила на ветерот тие резервоари ќе бидат полни за помалку од еден месец.

„Се´ се заснова на тоа, кога имаме премногу ветер, неговата сила да се искористи за добивање водород. Такви резервоари постојат и за земниот гас. Зошто истото не би го користеле и во овој случај? На тој начин лесно можеме да произведеме струја тогаш кога ќе ни‘ треба”.

А со тој водород можат да се полнат и резервоарите со ќелии за согорување на водородот. Наскоро во Берлин ќе биде отворена пумпа на која автомобилите во резервоарите ќе ставаат „енергија од ветер“. Водородот, инаку, е оптимален преносник на енергија, тврдат научниците кои ги пресметуваат енергетските потенцијали за наредните 30 години.

Следниот чекор - изградба на еколошка централа

Eröffnung Enertrag Wasserstoff-Hybridkraftwerk
Првата еколошка електроцентрала би можела деноноќно да произведува струјаФотографија: Enertrag/Tom Baerwald

„Потребата за резервоари ќе биде над 100 пати поголема отколку денес и сегашната технологија нема да може да ги задоволи сите барања. Денес имаме хидроцентрали кај кои, кога имаме вишок на струја, тие работат како пумпи кои водата ја враќаат назад во вештачките езера. Кога струјата ни´ е потребна, тогаш водата се пропушта низ турбините. Потребите за таквиот принцип на производство на струја ќе растат. Технологијата на полнење на резервоарот со водород можеме добро да ја поврземе со технологиите кои веќе постојат, а кои се наменети на резервоарите со земен гас“.

Во тој случај водородот нема да се складира во цела низа мали резервоари, туку може директно да се дистрибуира низ веќе постојната гасна мрежа. Тоа е визија на Вернер Дивалд и неговиот тим. За таа цел мораат да се усовршуваат постројките за електролиза во кои настанува водородот и да се пронајде начин тие директно да се спојат на гасната мрежа.

„Тогаш, заедно со повеќе партнери во индустријата, ќе можеме да покренеме голем проект на изградба на постројките за електролиза со сила од повеќе мегавати, но и резервоари и системи за спојување со гасната мрежа. Следниот чекор кон чиста енергија ќе биде изградбата на хибридна електроцентрала која би имала сила на една електроцентрала на јаглен, значи повеќе стотици мегавати.”

Таквата еколошка електроцентрала би можела да биде прва која со сигурност би произведувала струја во текот на 24 часа.

Автор: Кристина Редер / Светлана Брик

Редактор: Ж.Ацеска