1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агендата 2010 ја спаси Германија?

Ане Алмелинг / Александар Методијев13 март 2013

Намалување на помошта за долготрајно невработените, кратења во здравството, подоцнежно одење во пензија – „Агендата 2010“ беше најголемата социјална реформа во повоена Германија. Експертите различно ја оценуваат.

https://p.dw.com/p/17viM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ханс-Петер Клес е цврсто уверен – тоа што невработеноста во Германија денеска е значително пониска отколку пред десет години е благодарение на т.н. „Агенда 2010“. Тој е раководител на научниот оддел за образовна политика и политика на пазарот на трудот во Институтот за германска економија во Келн. Уверен е дека опсежниот пакет реформи беше одлучувачки за позитивниот развој на германскиот пазар на трудот.

„Во меѓународна споредба веќе не сме на крајното скалило, туку во горната третина. Тоа значи дека од Европа се гледа на Германија и се поставува прашањето – како дојде до тоа“, вели Ханс-Петер Клес.

Реформа на социјалните системи

Овој економски експерт не е единствениот кој смета на позитивен биланс. Многу познати политичари овие денови ја фалат „Агендата 2010“, која кон средината на март прославува десетгодишнина од стапувањето на сила. Зад тоа име се крие концепт на реформи на социјалните системи и пазарот на труд во Германија. Тогашниот сојузен канцелар Герхард Шредер (на насловната фотографија) во својот говор во германскиот парламент на 14 март 2003 година објави:

10 Jahre Agenda 2010 Proteste Archivbild 2004
Во минатите десет години се одржани бројни протести против „Агендата 2010“ и „Харц 4“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ние ќе ги намалиме државните давачки, ќе ја поттикнуваме сопствената одговорност и ќе мораме да бараме поголем ангажман на секој поединец“.

Тоа кокретно значеше поместување на возрасната граница за одење во пензија на 67 години, зголемување на придонесите за здравствено осигурување и спојување на социјалната помош со помошта за невработените, што е познато и под името „Харц 4“.

Geldgeschäfte
Бројните кратења во социјалните давачки удрија по џебот на граѓанитеФотографија: picture alliance/dpa Themendienst

Посебно тоа спојување на помошта предизвика бурни расправи дури и во редовите на тогашната владејачка Социјалдемократска партија на Германија, бидејќи за многу невработени тоа значеше помалку пари од државата – таа помош денес изнесува 382 евра месечно плус надоместок за трошоците за станарина и греење. Оној кој го добива тој вид на помош мора редовно да се јавува во Агенцијата за вработување и да ги прифаќа и оние работи кои се под неговото ниво на квалификација.

Огромен сектор со ниски плати

Улрих Шнајдер, директорот на сојузот на хуманитарни организации „Сојуз за заедничка благосостојба“ (Der Paritätische Wohlfahrtsverband) од Берлин, остро ја критикува „Агендата 2010“ и тоа првенствено „Харц 4“.

„Харц 4 доведе до тоа да добиеме во Германија еден огромен сектор со ниски плати. Денес речиси четвртина од вработените имаат сатнина помала од 9,15 евра – во просек дури 6,60 евра за час. Тоа се последиците од Агендата 2010“, вели Шнајдер.

Тоа го признава и Франк-Валтер Штајнмајер, шефот на социјалдемократската група пратеници во германскиот парламент, кој беше и министер во владата која ја усвои „Агендата 2010“. Сепак, тој и натаму е уверен дека тој пакет реформи ја спаси Германија од економска криза.

Buchmesse 2010 - Ulrich Schneider neu
Улрих Шнајдер: „Четвртина од вработените работи за ниска плата“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ако Шредер тогаш ја управуваше владата вака кукавички како Ангела Меркел денес, тогаш сега заедно со Италија, Франција и Шпанија би имале значително поголеми проблеми среде евро-кризата“, смета Штајнмајер.

Но, и натаму е спорно дали тие реформи биле одлучувачки за намалување на невработеноста. Факт е дека бројот на невработени во Германија во последните седум години значително е намален. Во 2005 година работа бараа пет милиони граѓани, а во минатата 2012-та само три милиони. Во секој случај, експертите се единствени во мислењето подобрувањата се и тоа како неопходни, посебно во секторот на ниски плати.