1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Адеми: Загадувањето на воздухот не е од големите капацитети

СН/бг/миа16 декември 2013

Метеоролошките услови во Скопје до крајот на неделата ќе останат неповолни за да имаат влијание врз подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, кој последните денови е многу загаден, соопштија во УХМР.

https://p.dw.com/p/1AaLX
Фотографија: Petr Stojanovski

Загадувањето на воздухот доаѓа од сообраќајот, домаќинствата и градежништвото, а не од големите индустриски капацитети, оцени денеска (16.12) министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

По отворањето на дводневната ТАИЕХ работилница за квалитет на воздух Адеми денеска посочи дека поголемите загадувачи во скопскиот регион не работат, а останатите големи капацитети исполнуваат еколошки стандарди.

„Поголемите загадувачи во кои се сомневавме дека го влошуваат квалитетот на амбиентниот воздух, како Макстил, Скопски легури и други капацитети во кругот на Железара, не работат од 28 ноември. Другите големи капацитети во овој регион ги исполнуваат еколошките стандарди. Клиничкиот центар се грее со гас, како и некои други капацитети кои досега користеа мазут сега се греат на гас, нагласи Адеми.

Потребно е подигање на свеста

Загадувањето, додаде тој, доаѓа и од помалите капацитети, кои се во надлежност на општините, односно Градот Скопје. „ Препорачуваме општините да бидат поактивно вклучени и да подготвуваат планови за справување со вакви ситуации бидејќи се обврзани според закон“, рече Адеми посочувајќи дека само општина Битола има подготвено таков план. Тој упати апел до градоначалниците да бидат поактивно вклучени за надминување на состојбите. Ресорниот министер смета дека е потребно подигање на свеста кај сите, граѓаните да користат поквалитетно гориво за греење и да не ги користат возилата.

Bildergalerie Brückenbauer Kristian Cierpka
Фотографија: Kristian Cierpka

„Доколку сега излеземе на булевар ќе видиме дека во секое возило се вози само возачот, не се користи јавниот превоз и не се пешачи. Ако загадувањето доаѓа од сообраќајот треба да бидеме свесни дека возилата треба да ги користиме што е можно помалку во овој период, да користиме јавен превоз. Ако е од грејната сезона поквалитетни грејни енергенси, да не користиме нафта и мазут, бидејќи имаат штетно влијание врз амбиентниот воздух, рече Адеми. Доколку квалитетот на воздухот не се подобри во текот на 10 последователни дена, тој најави дека ќе се преземат конкретни чекори.

Позитивни промени дури наредната недела

Пеце Ристевски од Управата за хидрометеоролошки работи информира дека отсуството на ветер, снег и дожд е еден од факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот и оти ваква состојба имало и порано, во 1993 и во 2002 година.

„Синоптичко аеролошката состојба, антициклонална состојба во која се наоѓаме сега, го опфаќа цел Балкан и има влијание на неможност да се направи одредена аерација на воздухот во Скопската котлина“, истакна Ристевски.

Според УХМР, метеоролошките услови во Скопје до крајот на неделата ќе останат неповолни за да имаат влијание врз подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, кој последните денови е многу загаден. До крајот на неделата Македонија ќе остане пов влијание на висок воздушен притисок и времето ќе биде стабилно и суво со слабо струење на воздухот. Промени може да се очекуваат од средината на наредната недела.

Последните мерења за квалитетот на воздухот во Скојпје покажуваат високи вредности над 180 микрограми на метар кубен во Лисиче, а високи во другите делови на Скопје. Високите концентрации изутрината се измерени и во Тетово.