1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Азарбејџан е новиот Дубаи?

Александра фон Намен/ Елизабета М. Фиданоска18 мај 2012

Главниот град на Азарбејџан, Баку, се гради наголемо. Модерни зданија до каде што стигнува погледот, но на сметка на „малите“ луѓе. Тие страдаат додека градот се развива. За принудните преселби е опасно да се известува.

https://p.dw.com/p/14up5
Фотографија: picture alliance/augenklick/GES-Sportfoto

Модерни зданија со стакло, од темел реновирани стари објекти - азарбејџанскиот главен град е во бум.

Но, зад сјајните фасади живеат луѓе кои не профитираат од богатството на Баку. Луѓе како Минера Искендерова и Наталија Алибекова. Двете жени до неодамна биле сосетки, живееле директно на Каспиското море. Но, нивната куќа морала да и‘ отстапи место на раскошна новоградба.

„Ни‘ ја запреа водата, струјата, гасот. Телефонскиот кабел го пресекоа. Работниците постојано нешто палеа во дворот. Така не‘ принудија да се иселиме од куќата“, раскажува Минера Искендерова, а Наталија Алибекова додава:

„Бевме третирани како државни непријатели. Покривот го однесоа среде зима, иако се‘ уште живеевме во куќата. Така ли се постапува со своите граѓани?“

Минера Искендерова е сместена кај познаници. Тука не се чувствува како дома. Таа од владата добила обештетување од 93 илјади евра. Звучи како многу пари, вели Азарбејџанката, но пазарната вредност за нејзиниот стар стан директно на плажата е двојно повисока.

Aserbaidschan Flagge Fahne Baku
Зад сјајните фасади живеат луѓе кои не профитираат од бумот на БакуФотографија: picture-alliance/dpa

Во меѓувреме, тука се гради улица, директно под огромен столб со знаме. Покрај него се изгради арена - Кристалната хала. Тука треба да се одржи Изборот на песна за Евровизија.

На двете пријателки им е тешко да излезат на крај со промените.

„Загубивме се‘. Зошто? За посетителите од Запад да дојдат овде и да се радуваат и слават? За нив се организира прослава, но ние имаме причина за плачење“, вели Алибекова.

Проблематични принудни иселувања имаше долго пред евровизискиот натпревар во Баку. Од 2009 година е одземен имотот на 60 илјади луѓе, делумно без предупредување или важечки документи, се жалат борците за човекови права. Властите сето тоа го негираат. Се‘ се прави според правото и законот, велат тие. Таков став има и Абас Алескеров. Како шеф на Комитетот за градска изградба тој има задача од претседателот Алијев да го претвори Баку во модерна сјајна метропола:

„Нашиот претседател има хоби - ја сака изградбата на градовите. Јас сум горд што имаме таков Претседател, кој го користи нафтениот бум за да инвестира во развој на градот“.

Baku Aserbaidschan
Баку постојано се менуваФотографија: DW/Olga Sosnytska

Нафтеното богатство на земјата, во која се владее авторитарно, на архитектите како Назим Велијев им дава можност за вносни проекти. Тој се радува гледајќи како неговиот роден град се менува.

„Се разбира се трудиме да ги задржиме историски вредните објекти. Но, околу нив се издига модерна архитектура. Секој град се развива на тој начин. Погледнете ги Лондон или Париз“.

На маргините на двомилионскиот град се наоѓа неговиот најнов проект - луксузен хотел, на кој архитектот работел шест години. Азарбејџан се обидува да привлече туристи. Баку треба да стане нов Дубаи на Каспиското море.

„За мене овде е важен секој детал. Целиот комплекс е, така да се каже, мое дете. Затоа сум толку среќен што хотелот е готов“, вели Велијев.

Назим Велијев е горд на новиот Баку. Не сака да чуе ништо за повреди на човекови права.

Во селото Сулутапа не се гледа ништо од сјајот на главниот град. Во Сулутапа сопствениците на приватни куќи со месеци се борат против државниот нафтен концерн Сокар околу сопственичките права врз земјата.

Karte Aserbaidschan
Азарбејџан е далеку од европските вредности, велат Искендерова и Алибекова

Концернот постојано, без судска одлука, урива куќи. Образложението гласи - изградени се бесправно. Кој се буни против тоа или за тоа известува, се наоѓа во опасност.

Меѓу тие што се во опасност е репортерот Идрак Абасов. Тој бил истепан до бессознание од страна на обезбедувањето на нафтената фирма кога сакал да го документира уништувањето на куќите. На неговиот елек се‘ уште има капки крв.

„Ме газеа непрекинато петнаесет до дваесет минути. Ребрата ми се скршени, одвај можам да гледам. Бев облеан со крв и имав отоци на главата“, раскажува Абасов.

Идрак Абасов смета дека е добро што Изборот за песна на Евровизија годинава се одржува во Баку. На тој начин светот ќе дозне за принудните преселби.

Минера Искендерова и Наталија Алибекова, наспроти тоа, велат дека изборот за песна на Евровизија не е за Азарбејџан: „Ако толку стремиме кон Европа, тогаш треба и да живееме според европски закони, да живееме како во Европската унија“.

Азарбејџан меѓутоа е далеку од европските вредности, велат пријателките. Тоа не можат да го сокријат ниту новите раскошни објекти во Баку.