1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АИ ја критикува ЕУ за недоволна помош на сириските бегалци

БГ/миа13 декември 2013

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешнл“ денеска (13.12) упати критика до европските лидери дека сториле малку за прифаќање на сириските бегалци.

https://p.dw.com/p/1AYgf
Фотографија: J. Russell/TRANSTERRA Media

Во извештајот на сириската криза, „Амнести интернешнал“ наведува дека земјите-членки на ЕУ понудиле да прифатат само околу 12.000 сириски бегалци, како дел од напорите на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) за згрижување на 30.000 бегалци.

„Срамен е бројот на луѓе што ЕУ планира да ги згрижи. ЕУ не успеа да обезбеди засолниште за бегалците кои во Сирија изгубија се‘ освен своите животи“, изјави генералниот секретар на АИ, Салил Шети. Само 10 земји-членки на ЕУ понудија да згрижат околу 12.000 бегалци од Сирија, од кои 10.000 Германија, Франција 500, а Шпанија само 30 бегалци.

Осумнаесет земји од ЕУ не одговорија на повикот, меѓу кои и Велика Британија и Италија, наведува АИ. Во извештајот се наведува дека околу 55 илјади сириски бегалци успеале да дојдат до Европа и побарале азил во земјите од ЕУ. Откако во Сирија почнаа борби во март 2011 година, околу 2,3 милиони сириски бегалци, според оценките на АИ, нашле засолниште во пет соседни земји - Либија, Јордан, Турција, Ирак и Египет. Во сирискиот конфликт, според досегашните проценки, животот го загубиле околу 126.000 луѓе.