1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Академијата за општинарите чека подобри времиња

9 мај 2011

Иако пред половина година ОБСЕ и Министерството за локална самоуправа ги започнаа подготовките за основање академија за обука на локалната самоуправа во земјата, сега се завршени сите анализи и истражувања за тоа

https://p.dw.com/p/11BuG
Седиштето на ЗЕЛС во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Министерот за локална самоуправа Муса Џафери тврди дека проектот за формирање на академијата за обука на вработените во локалната самоуправа е во застој поради претстојните предвремени парламентарни избори.

„Ние не можеме да ја формализираме одлуката за основање на академијата од оваа причина. Ако има политичка волја, би можело тоа да се направи и по изборите било со донесување закон, или со подзаконски акт. Од ова зависи и за колку време таквата академија би можела да профункционира“, вели Џафери.

Јове Кекеновски, експерт за локална самоуправа од Државниот универзитет во Битола, објаснува дека идејата за формирање на академијата е добра и таа треба да овозможи едукација на сегашните, и на идните градоначалници и на членовите на општинските совети.

„Во најголем број случаи имавме неедуцирани градоначалници, а да не зборувам и за советниците. Беше потребно цел мандат за да се запознаат само со надлежностите и со другите аспекти од функционирањето на локалната самоуправа. Не можеме локалната самоуправа да ја оставаме секогаш на маргините, секогаш со неа да раководат луѓе кои не ја познаваат ниту буквата ’л’ од поимот ’локална самоуправа’. Министерството за локална самоуправа мора да биде поактивно и час поскоро да ја спроведе идејата за академија.“

Вработените во локалната администрација во Македонија се неискусни и постојано се соочува со нови предизвици. Истражувањата покажуваат дека администрацијата треба постојано да се обучува за управување со општинскиот буџет, за негово трошење, за собирање на приходи, за прашања од областа на урбанизмот, да се подобрува квалитетот на давањето услуги, за управување со јавните фондови и други финансиски извори.

„Милиони евра за обуки – без резултат“

Додека допрва ќе се чека по изборите Министерството за локална самоуправа да решава кога ќе ја конституира споменатата академија, во Заедницата на општини уште од 2002 година функционира Тренинг-центар за едукација на градоначалници, членови на општинските совети и за општинските службеници. Во изминатите 9 години извршени се обуки за многу закони и комунални теми. Само лани низ овие обуки минале илјада локални административци.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Душица Перишиќ, извршна директорка на асоцијацијата на општини, укажува на еден фрапантен случај колку пари од меѓународни донатори се трошеле за обуки на општински службеници во Македонија, но, и со какви ефекти:

„Од 2004-2008 година се потрошени огромни, милионски суми евра, пред се, од донаторите, за јакнење на капацитетите на вработените во единиците на локална самоуправа. Една анализа, која ја направи потоа Агенцијата УНДП на Организацијата на Обединети нации, покажа дека постои огромна потреба за обука во делот на финансиското работење. Иако од оние огромни суми, што ги споменав, 70 отсто беа потрошени токму за обука за финансиското работење на општините! Сето тоа ни покажа дека обуката сама по себе не е доволна да се спроведе, туку оти треба да се добијат и резултати. Заради тоа, Тренинг-центарот на ЗЕЛС ќе ги организира своите обуки со полагање завршен испит.“

ЗЕЛС во наредниот период ќе организира обуки за три најактуелни теми во овој момент.: законот за легализација, според кој треба да постапуваат општините, обука за претставниците за финансиските оддели во врска со можноста општините да се задолжуваат и тренинг кој се однесува на градежното земјиште.

За академијата за обуки на локалната самоуправа, пак, Мисијата на ОБСЕ ќе ангажира меѓународни експерти, кои ќе треба да ги пренесат европските и други меѓународни искуства на овој план.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски