1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако Грција ја врати драхмата ќе се симне од „Фолксваген на магаре“

4 јануари 2012

Грција отворено зборува за можност од излегување од еврозоната. Европската комисија не се возбудува. Германскиот печат денеска (04.01) на оваа тема пишува:

https://p.dw.com/p/13dki
Фотографија: dpa

Без помошта тешка милијарди, Грција стравува дека е можно да заврши нејзиното членство во еврозоната, ги пренесува изјавите на портпаролот на грчката влада Пантелис Капсис весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Според Капсис, „договорот за помошта мора да биде потпишан, или ќе бидеме отсечени од пазарите и надвор од еврото. Состојбата потоа значително ќе се влоши“. Весникот натаму пишува: „Досега излегување на Атина од еврозоната важеше за табу. Портпарол на Европската комисија реагира без возбуда на изјавите на Капсис. Сега се работи за тоа приватните доверители да учествуваат во планираниот втор меѓународен пакет помош од 130 милијарди евра. ’Нема намера, нема план во 2012-та или подоцна, од еврозоната да излезе некоја нејзина членка’, изјави портпаролот.

Грција се надева на помошта од 130 милијарди евра за да избегне несолвентност. На средината од јануари претставници на таканеречената Тројка, составена од ММФ, ЕЦБ и ЕК, патуваат за Атина за да преговараат околу натамошните мерки на штедење во рамки на пакетот за спас. Притоа, Тројката покрај реформи во даночниот систем и правосудството, бара и кратење на пензиите, мерка што е исклучително непопуларна“, пишува ФАЦ.

Весникот „Велт“, пак, оценува: „Со заканата за излегување од еврозоната владата очигледно сака од една страна да ги стави банките под притисок за да се согласат со условите на Атина. Во случај на излегување од еврозоната и со тоа прекин на плаќањето од страна на Атина, банките можеби не би добиле воопшто пари назад. Портпаролот на владата, човек од доверба на премиерот Лукас Пападимос, со заканата за излегување од еврозоната ги става под притисок и евро-земјите да и‘ исплатат нови кредити на Грција. Се зголемува и притисокот врз министрите кои не се расположени за реформи“, коментира „Велт“, наведувајќи дека и ПАСОК и Нова демократија гледаат кон претстојните избори и не се расположени за непопуларни мерки на кратење. Истовремено, меѓутоа, „според актуелните анкети, три четвртини од Грците се за останување во еврозоната во секој случај“, пишува весникот.

„Берза онлајн“ во утрешниот текст на тема евро-криза, чии делови пренесуваат агенциите однапред, го интервјуира менаџерот во Фондот ДВС, Клаус Калдеморген: „Калдеморген ги предупредува Грците да не го напушаат еврото. ’Ако Грција се врати кон драхмата, наместо Фолксваген ќе се вози повторно на магаре’, опоменува тој. ’Земјата ќе биде посиромашна од Албанија, тоа на Грците мора да им се каже јасно и гласно’“, ги пренесува зборовите на Калдеморген „Берза онлајн“.

Извори: ФАЦ, Велт, Берза онлајн

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска