1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191009 Iran D Atom

20 октомври 2009

Иранската атомска програма е спорна. Западноевропските земји се обидуваат да ги зауздаат иранските нуклеарни стремежи. Како се позиционира Германија во овој процес?

https://p.dw.com/p/KAbG
Фотографија: AP

Германскиот став околу иранската атомска програма не е многу поразличен од оној на Велика Британија, Франција или САД. Петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, заедно спроведуваат стратегија, која подразбира притисок од една страна, но и давање позитивен поттик за надминување на проблемот, од друга. Владата во Берлин смета дека ова е најдобриот начин, нагласува портпаролот на министерството за надворешни работи, Андреас Пешке.

„Строго се придржуваме до нашата двојна стратегија, која предвидува дека ако Иран се одлучи да ги расчисти сите сомнежи и да ја прифати подадената рака на меѓународната заедница - ќе се отворат можности за соработка.“

Можноста за соработка е се` уште отворена

Ако Иран ги исполни барањата на Советот за безбедност на ОН околу атомската програма, тогаш Западот е подготвен на поопсежна економска и политичка соработка со оваа земја. Германија и останатите пет партнери во преговорите, првпат му понудија на Иран договор за соработка уште во 2006 година, но тој се конкретизира во 2008 година.

Nuklearanlage Natanz im Iran
Нуклеарната постројка Натан во ИранФотографија: AP

Откако американскиот претседател Барак Обама оваа пролет му предложи на Иран и директни преговори, понудата беше обновена. Иранската влада одговори во септември со сопствен предлог, во кој воопшто не се споменуваше нуклеарната програма. Контрапродуктивно делуваше и веста дека Иран располага со уште една постројка за облагородување ураниум во близина на градот Гом, каде Меѓународната агенција за атомска енергија наскоро треба да изврши инспекција.

Советот за безбедност на ОН веќе воведе санкции

На пример, забрането е во Иран да се извезуваат технологии, коишто би можеле да се користат за атомската програма. Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека одлуката за воведување построги санкции кон Иран ќе биде соодветна, доколку земјата и натаму не и` дозволува на Меѓународната агенција за атомска енергија да го надгледува облагородувањето ураниум.

„Потоа можеме да размислуваме за построги мерки, односно санкции во областа на енергетиката, но и во други важни, чувствителни полиња, како на пример финансиските пазари - и тоа не само да размислиме за вакви санкции, туку во рамки на меѓународната заедница и да разговараме за нивно спроведување“, вели Меркел.

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска