1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако Оланд не сфати што мора да се прави, на еврото не му се пишува добро

Бернд Ригерт / Превод: Елизабета М. Фиданоска7 мај 2012

Францускиот претседател Франсоа Оланд има намера да го олабави стриктниот курс на штедење во еврозоната. Но тој ќе го добие само она што може да го добие. Како Меркел ќе соработува со Оланд, за да не запре моторот на ЕУ?

https://p.dw.com/p/14r8P

Франција донесе одлука, но тоа на европско ниво засега нема да промени многу. Социјалистот Франсоа Оланд најави дека сака да преговара повторно за европскиот Фискален пакт и да го напушти стриктниот курс на штедење на дуото „Меркози“, односно дуото Меркел-Саркози. Но, за консолидација на буџетите преку намалени давачки засега нема реална алтернатива. Тоа Оланд ќе мора да го препознае во наредните недели. Тој ќе добие Пакт за пораст како дополнување на веќе потпишаниот Фискален пакт, но ништо повеќе од тоа. Новиот претседател Оланд ќе може да го зачува образот, без притоа Фискалниот пакт, кој веќе е ратификуван во некои земји, да се отвора наново.

Сите во ЕУ се за економски пораст. Затоа заложбата за пораст со задоволство би можела да биде уште еднаш повторена и медиумски промовирана. Советничкиот тим на новиот француски претседател и претставници на германската влада тоа одамна веќе го имаат договорено. Оланд не сака да го почне мандатот со судир со Берлин. Долгорочно погледнато, добрата соработка меѓу Париз и Берлин е неопходна за ЕУ, се‘ едно каква идеолошка ориентација имаат владејачките структури во двете земји. Веројатно е дека Меркел и Оланд по неколкумесечно запознавање ќе се „стопат“ во дуо „Мерколанд“. Тоа нема да биде брак од љубов, туку реална политичка неопходност. Конзервативната канцеларка сигурно ќе се снајде со Оланд, дотолку повеќе што личноста на тивкиот Оланд и‘ е многу поблиска од постојано импулзивниот Саркози. Франција и Германија ќе останат моторот на ЕУ, иако почетокот се чини малку климав.

Оланд ќе мора да го прави она што мора

Оланд во ставот на Германија околу кризата гледа и позитивни работи, но укажува пред се‘ на социјалните достигнувања, а не на порамнетиот буџет и кочницата на задолжување, кон што стреми конзервативно-либералната коалиција во Берлин. Економските факти ќе го принудат Оланд за неколку недели да ја насочи и Франција на курсот на штедење. Ако скршне од патот на намалување на новото задолжување, финансиските пазари нема да имаат трпение со Франција. Каматите на француските обврзници би можеле да се зголемат, а рејтингот на земјата да се намали.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт, автор на коментаротФотографија: DW

Франсоа Оланд ќе има малку време за реализација на предизборните ветувања. Дефицитот на земјата во 2011-та година изнесуваше пет проценти. Тој нема да може да избегне реформа на пензискиот систем, ниту намалување на персоналните трошоци во преголемиот државен сектор. Оланд досега не објасни како сака да ја извлече Франција од криза. Пари за конјуктурни програми или намалување на данокот на додадена вредност нема да има. Планираниот данок на богатите нема да донесе доволно пари. Невработеноста во Франција е висока, а избирачите ќе судат за Оланд според тоа дали тој ќе го намали бројот на невработени.

Новиот претседател сака да обезбеди ниски камати преку еврообврзници, значи заеднички државни обврзници на сите евро-држави. Но со оглед на тоа што еврообврзниците би донесле нови ризици за Германија, канцеларката Меркел не сака да дозволи нивно воведување. Оланд сака и да ја вклучи повеќе Европската централна банка во процесот на поттик на порастот, но тоа, во моментов, за германската влада и за чуварите на заедничката валута во Бундесбанката не доаѓа предвид.

Јункер се нуди да му дава дополнителни часови на Оланд

Оланд ќе мора да сфати дека еврозоната и ЕУ не смеат да влетаат непромислено во нова „штрудла“ на кризата. Доколку Франција не е стабилна, тогаш ќе попуштат и напорите за консолидација во Португалија, Шпанија,Италија и другите земји во криза. Тоа би имало фатални последици за еврото.

Ако Грција по парламентарните избори не добие ефикасна влада и биде втурната во хаос, тогаш можеби ќе мора сепак да ја напушти еврозоната. Тоа монетарната унија можеби и би можела да го преброди, но доколку Франција паѓа се‘ подлабоко во должничка криза, тогаш тоа би значело крај за еврото. Ако Оланд тоа не го сфати, луксембуршкиот премиер и шеф на Еврогрупата, Жан-Клод Јункер, би му дал дополнителни часови на францускиот претседател. Така најави искусниот Јункер. Оланд, кој досега не извршувал висока владина функција, би требало да ја прифати понудата во секој случај. Тоа на Европа би и‘ дошло добро!