1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако продолжи вака со допинг-случаи, ќе недостасуваат многу асови на Олимпијадата 2004!

28 октомври 2003
https://p.dw.com/p/Aeod

Допинг-скандалот во светскиот спорт се шири. Ново, веќе десетто име на списокот на атлетичари - откриени како корисници на недозволени средства, е олимпискиот шампион во штафетно трчање 4 пати по 400 метри, Американецот Келвин Херисон. Тој, како и Кристи Гејнс, Сандра Главер и Ерик Томас, како што пипшува "Лос Анџелес Тајмс", имале позитивен тест на супстанцата модафинил во контролата што ја извршила Американската национална анти-допинг агенција. Потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Германецот Томас Бах, гласно го искажа она од што стравуваат многумина: со оглед на фактот дека претстојат дополнителни анализи на илјадници порано земени проби, сега специјално за да се утврди супстанцата ТХГ - тетрахидрогестринон, чие присуство порано не можело да биде регистрирано, наредните олимписки игри во Атина 2004-та година би можеле да бидат лишени од учеството на многу, пред се' американски спортски асови: "Така изгледа. Ако расте бројот на случаите, тогаш тоа би можело да има значително влијание врз составот на олимпискиот тим на САД. Ние ќе ги искористиме можностите што ни ги нудат Светскиот анти-допинг кодекс и Олимписката повелба и ќе водиме сметка можните санкции да ги погодат виновниците", вели Томас Бах.

Инаку, кон акцијата за преиспитување на порано земените проби од спортистите, за да се утврди евентуално користење на ТХГ, се приклучи и Меѓународниот велосипедски сојуз. Претходно Светската атлетска федерација објави дека ќе изврши преиспитување на старите проби.

Во меѓувреме Кина соопшти дека кај двајца атлетичари е откриено дека го користеле допинг-средството еритропоиетин.

Во земјата-домаќин на идната олимпијада - Грција водечки експерти предупредуваат дека широко е распространето консумирање на забранети супстанци во грчкиот спорт.