1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

130710 Finanzmarkt Deutschland

13 јули 2010

Многу најавуваните реформи на финансискиот сектор постепено добиваат контури. Германската влада, пак, на европскиот реформски паркет на моменти храбро ја презема водечката улога и самостојно воведува реформи.

https://p.dw.com/p/OHTT
„Црвено светло“ за шпекулативните зделки на банкитеФотографија: AP

Германија и ЕУ се залагаа на самитот на Групата Г20 во Канада за воведување давачки за банките, со кои ќе се создава фонд за случај на повторување на кризата во финансискиот сектор. На самитот немаа голем успех со таквиот предлог, но сепак некои земји ќе и’ се приклучат на иницијативата. Во Германија соодветниот закон треба да стапи во сила најдоцна до крајот на годината. Според сегашниот предлог закон, секоја банка треба да уплаќа во фондот за случај на нова криза по 0,04% од годишниот биланс, откако од неа ќе се одземат штедните влогови на муштериите.

Андреас Нојкирх од Гемајншафтсбанк ГЛС оценува дека станува збор за неефикасен инструмент, со кој државата нема да има поголемо влијание во деловната политика на банките. Напротив, ваквата идеја може дури да има и контра-ефект. „... така што банкарите, свесни за овие издвојувања ќе речат: ние си плативме осигурување и од него подоцна мора да добиеме дел. Со тоа тие можеби ќе се впуштаат во уште поризични зделки.“

G20 Gipfeltreffen Toronto Kanada Abschluss Dossierbild 3
Групен портрет од самитот на Г20 во КанадаФотографија: AP

Поостри мерки

Нојкирх се залага за воведување на данок на финансиски трансакции. Германската влада се проби на европско ниво со оваа идеја, но не и на ниво на Групата Г20. На отпор наиде германскиот предлог пред се’ кај земјите во развој и индустриските нации во подем. А и во европските редови може да се очекува голем отпор од Велика Британија, каде финанскиот сектор е посебно силно застапен. Андреас Нојкирх предлага Германија да ја преземе водечката улога и кај овој инструмент и да го воведе без да чека на партнерите од ЕУ: „Сметам дека доколку го воведат водечките индустриски земји, а Германија спаѓа меѓу нив, дека финансиските струења нема да се повлечат од Германија поради тоа. Напротив мислам дека и другите земји ќе се ориентираат спрема овој пример. Такви се барем сигналите од помалите европски земји.“

Чувствителни одлуки

Но, и во Германија е преголем стравот дека таквата одлука може да има негативни последици по атрактивноста на Германија како стопански и финансиски субјект. Претседателот на Здружението на германските банкари, Андреас Шмиц предупредува: „Тоа би можело да има за последица одредени берзански трансакции, и со нив поврзаните заработувачки, да се одвиваат преку берзите во Луксембург, Лондон и Њујорк, а не повеќе преку онаа во Франкфурт.“

London Börse Stock Exchange Financial Markets
Берзата во ЛондонФотографија: AP

Сингапур, на пример, веќе им понуди на озлогласените хеџ-фондови да се преселат од Европа кај него. Понудата содржи ниски стапки на оданочување, како и супер-модерен центар за трговија со хартии од вредност. Дали таму ќе се преселат некои од фирмите, кои сега имаат седиште во Германија, останува да видиме. Но, тоа не е исклучено, бидејќи владата во Берлин веќе забрани уште еден омилен берзански инструмент - тргувањето со непокриени продажби на државни обврзници и акции, кои веќе и’ нанесоа големи штети на евро-зоната. Дел од експертите и политичарите дури ја исмеаја ваквата одлука на владата на канцеларката Ангела Меркел, посочувајќи дека најголемиот дел од ваквите трансакации се одвива ионака преку берзата во Лондон. Но, Андреас Нојкирх смета дека и ваквиот акционизам на владата може да има позитивни ефекти.

Автор: Данхонг Жанг/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска