1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Акциски план за исполнување на европската агенда

29 септември 2011

Во очекување на претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, подготвен е Акциски план што треба да ја фокусира земјата на исполнување на приоритетите поставени од Брисел.

https://p.dw.com/p/12jDW
Фотографија: Petr Stojanovski

Денеска ( 29 септември ) на заедничка седница на македонскиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, надлежната вицепремиерка Теута Арифи ги презентираше зацртаните цели. 

„Акцискиот план што го подготи Владата е одговор на листата задачи добиени од еврокомесарот за проширување Штефан Филе и директорот на Директоратот за проширување Стефано Санино“, образложи вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи.

Во документот се содржани неколку области: Охридскиот рамковен договор, јавна администрација, судство, борбата со корупцијата, слобода на медиумите.

Нулта толеранција за наместени работни места

Во однос на рамковниот договор забелешките се однесуваат на децентрализацијата, се бара подигнување на капацитетот на локалната администрација за независно функционирање, како и зголемување на буџетот на министерствата предвиден за интеграција на ромското насление во рамките на Декадата на Ромите.

Teuta Arifi Mazedonien
Вицепремиерката Теута Арифи рече дека Акцискиот план е одговор на листата задачи добиена од БриселФотографија: DW

Во делот на реформите во јавната администрација побарана е „нулта толеранција за наместени работни места“.

За судството се препорачува до крајот на 2012 година ангажирањето и изборот на судии и јавни обвинители да биде целосно од Академијата на судии и јавни обвинители.

Во сферата на битката со корупцијата Брисел бара измени на овластувањата на министерот за внатрешни работи во однос на прислушувањето.

Слобода на медиумите

За слободата на изразување се предвидени три активности: задолжителна обука на судии кои работат на случаи на клевета и навреда, Министерството за правда да изготви информација за европските практики во декриминализацијата на клеветата и навредата, а воедно се поздравува тркалезната маса организирана од Владата со медиумите.

Пратениците од СДСМ го критикуваа акцискиот план. Јани Макрадули смета дека тој ни по форма, ниту по содржина не одговара на предизвиците на Македонија во однос на тоа што треба да се направи за приближување кон ЕУ.

„Имам видено многу акциски планови, но овој за жал е многу штур, несодржаен, со многу малку конкретни мерки“, критикуваше Макрадули.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ пак, оцени дека Акцискиот план е отворен и исцрпен и оти очекува трет по ред позитивен извештај од ЕК за прогресот на земјата.

„Тоа ќе биде уште еден доказ дека Македонија во однос на евроинтеграциите е на вистински пат и ќе остане на него се‘ додека продолжува реформскиот процес и клучното сојузништво на Македонија како кандидат и ЕК како еден од најголемите сојузници за овој процес да продолжи“, изјави  Милошоски.

На 17 октомври во Скопје ќе се одржи средба на вицепремиери и министри за европски прашања од Западен Балкан и Турција по добивањето на извештаите за прогрес од ЕК, а цел е дебата за процесот на евроинтеграциите.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска