1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија се дави во смет

Јохан Мирбах/Б. Георгиевски9 август 2013

Дивите депонии со смет станаа една од карактеристиките на природните пејсажи во Албанија. Но, земјата не само што не може да излезе на крај со својот отпад, туку и увезува. Еколозите сега го вклучија алармот.

https://p.dw.com/p/19Mm4
Фотографија: DW/J. von Mirbach

Диви депонии со смет се видливи насекаде, на периферијата на главниот град Тирана, во приморскиот град Драч или на северот на земјата, во Скадар. Не се само приватните загадувачи на животната околина тие кои тука го фрлаат својот смет, ни општините не се ништо подобри. На пример во Драч: тука нема регуларна депонија. Ѓубрето од повеќе од 200 илјади жители се фрла на ограничени полиња. Свињи и кози шетаат по ѓубрето во потрага по храна. Дождовите ги „мијат“ опасните супстанци кои потоа завршуваат директно во морето. Ромски семејства се во постојана потрага по пластика, хартија и метали. За да дојдат до некои вредни метали тие го палат ѓубрето. Опасните материи потоа завршуваат во воздухот и водата и ја загадуваат околината.

Лавдош Феруни е еден до ретките еколошки активисти во Албанија. Веќе долго тој ги критикува нелеганите депонии во земјата. Досега залудно. „Во последните 23 години потрошувачката експлодираше во Албанија. Но инфраструктурата не успева да го одржи чекорот. Ние произведуваме повеќе ѓубре одошто можеме да складираме“, вели Феруни.

Малкумина размислуваат за проблемот во земјата. Администрацијата и политичарите не се заинтересирани да создадат услови за депонирање на сметот. Во целата земја постојат две депонии кои работат според нормите на ЕУ, една во главниот град Тирана и уште една на северот на земјата во Бушат.

Увоз на отпад

Но проблемот со сметот во Албанија не е целосно од домашно потекло. Според министерството за екологија, во 2011 година земјата увезе околу 300 илјади тони метален отпад и околу 20 илјади тони пластичен отпад за преработка од Италија. Тоа е еднакво на годишното количество отпад во Албанија. Албанската царина само делумно ја исконтролира пратката. Еколозите, како Феруни, реагираа бурно. Тие сметаат дека заедно со легалниот во земјата е внесен и илегален отпад, претежно од јужна Италија. Докази немаат, но шпекулациите во земјата се силни.

Müllkippe bei Shkodra im Norden Albanien Müll Umwelt Umweltverschmutzung
Волфганг КраузеФотографија: DW/J. von Mirbach

Министерот за екологија Таулант Бино во едно интервју тврдеше дека еколозите претеруваат, но во истовреме признава дека во царината постои корупција, а неговото министерство не може да гарантира дека со легалниот, во земјата не пристигнал и нелегален отпад.

Проблемите со отпадот во Албанија добро ги почувствува и германскиот претприемач Волфганг Краузе. До пред две години тој беше менаџер на една депонија во северна Албанија. Во соработка со компанијата Бекер тој ја изгради депонијата и подигна погони за рециклирање. Тој самиот инвестираше околу половина милион евра. Планот бил добиениот отпад да се селектира, пластиката да се преработи и да им се продава на заинтересираните купувачи за 60 евра по тон. Со заработката од околу 7 евра по тон отпад, Краузе планирал да го финансира постоењето на депонијата.

Но планот не успеал. Недостасувал отпад. Депонијата зјае речиси празна, бидејќи добива само осум проценти од потребниот отпад. Поради пропадната инвестиција Краузе го загубил бизнисот. Притоа, потенцијалниот лиферант на отпад - градот Скадар, според проценките на УСАИД, месечно произведува околу 2.000 тони отпад, односно околу 50 бродски контејнери.

„Најголемиот дел од локалните заедници го фрлаат отпадот на брегот на реката, а оттаму тој се влева во морето. На тој начин општините штедат за превоз на отпадот“, вели Краузе. Вистински мали ридови со отпад се видливи и на брегот на локалната река и во близина на морскиот брег.

Müllkippe Müll Albanien Umwelt Umweltverschmutzung Durres
Депонија во близина на ДрачФотографија: DW/J. von Mirbach

Референдум за отпадот

Во меѓувреме и на дел од граѓаните им дојде преку глава од проблемот. Во април, неформална коалиција на екологисти, и претставници на зелените партии и на тогашната опозиција, Социјалистичката партија подготвија референдум со кој треба да биде запрен увозот на отпад. Ќе се гласа на крајот на декември. Во меѓувреме Социјалистите победија и на изборите во земјата, па сега ветуваат дека и доколку не се забрани целосно увозот на отпад, тогаш во најмала рака тој ќе биде ограничен.

Проблемот со отпадот во Албанија е симптоматичен и за многу други земји во регионот. Грижата за отпадот функционира само делумно, а најголем проблем се корупцијата и лошото менаџирање. Но и политиката реагира популистички: забраната на увозот на отпад ќе им се допадне на албанските граѓани, но проблемот со отпадот нема да се реши со тоа. Рециклирањето и заштитата на животната околина воопшто не се во плановите на политичарите во Албанија.