1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албански свадби-со африкански вувузели!

19 август 2010

Колку повеќе притискаат економската криза и падот на животниот стандард, толку поскапи свадби и други семејни свечености се приредуваат во албанската етничка заедница во Македонија, главно со пари од печалбарите.

https://p.dw.com/p/OrDy
Фотографија: DPA

Весело, весело, највесело, но и колку е можно поскапо да биде! Ова се случува се‘ почесто во последно време на свадбите, свршувачките и другите семејни веселби на Албанците во Македонија. Секако, притоа главниот збор го имаат печалбарите. Ним како да не им е важно што работеле толку години макотрпно со пот, а што ќе потрошат огромни суми пари само за еден ден, или за една ноќ. Деновиве еден тетовец - гурбетчија потрошил дури 200 илјади евра за прославата на муслиманскиот обред – сунет на својот син. А колку ли чинат свадбите … ? Јадење и пиење за 500 гости, колку што просечно ги има на една ваква семејна свеченост – повеќе од 3 илјади евра; ангажманот на пејач, пејачка, или цела музичка група – од 2 до 6 илјади евра; само златниот накит за невестата околу 3 илјади евра, плус за нејзината прескапа руба, што ќе ја облече само еднаш во животот, па потоа пари за новиот „бесен“ автомобил, купен во странство, за чеизот ...

„Нашиве соселани - печалбари се расфрлаат со пари, како да добиле премија на лотарија ...“

Печатот на албански јазик во Македонија ги пренесува зборовите на извесен старец по име Осман од Куманово: „Не отепаа нашиве соселани со нивните помпезности и расфрлања со парите. Се прават толку многу трошоци, колку што никогаш не може да се заштеди, толку многу пари одат само за една ноќ во ресторан, небаре паднала главна премија на лотарија, а всушност се‘ се тоа печалбарски пари, заработени со труд и пот.“

Auto, Hochzeit, Albanien

Арно ама, музиката и веселбата продолжуваат ... По влегувањето во салата за свечени пригоди во еден ресторан во Тетово, младоженецот Исмет, земајќи го микрофонот во рака, извика: „Море, ајде да си го направиме ќефот на душата !“

„Свират со вувузелата за да си изградат имиџ во јавноста, кој го немаат“

Петрит Положани, професор по макроекономија на Факултетот за економија на Државниот универзитет во Тетово, коментира за Дојче веле:

„Општа е констатацијата дека се троши премногу за свадбите. Тоа се непродуктивни, погрешни ’инвестиции’. Многу покорисно би било тие пари да се насочат во образование за децата, за курсеви за компјутери и за англиски и други јазици за нив, за нивна специјализација во одредени области. Кратко кажано, за подобра перспектива за децата. При тоа, се случува и и ’конкуренција’ меѓу таквите скапи свадби.“

Mazedonien Land und Leute Tetovo
Тетово-колку поголема криза, толку пораскошни свадбиФотографија: Petar Stojanovski

На албанските свадби во Македонија, покрај традиционалните инструменти – зурлите и тапаните – започнаа да ечат звуци, кои се нови за овдешниве средини: продорниот звук на африканскиот инструмент вувузела, толку слушан на неодамнешното светско првенство во фудбал во Јужна Африка, ги вчудовиде присутните на една свадба деновиве во Куманово. Извесен Шуајб Селмани, печалбар од овој град во Швајцарија, откако бил запрашан за мотивот да ја употреби вувузелата на таа свадба рекол: „Сакавме да им приредиме изненадување на нашите роднини и на другите свадбари. Уште од Швајцарија се подготвував за ова. Таму ја купив вувузелата. За време на целиот пат, додека се движеше свадбената колона, свиревме со вувузелата. Движејќи се низ улиците на Куманово го привлековме вниманието на многу граѓани и минувачи.“

Vuvuzelas Düsseldorf Kleinunternehmer
И вувузелата на албанска свадбаФотографија: Jutta Wasserrab

Африканската свирка создала урнебесна атмосфера и на свадба во кумановското село Руница, во општината Липково.

Професорот Положани вели дека вувузелата во овие случаи била ставена во функција на градење на сопствениот имиџ:

„Сметам дека се работи за луѓе, кои не си направиле имиџ во некои сфери. Сега со свирење со вувузела, со некои гестови, или со трошењето многу пари, настојуваат да бидат забележани во јавноста и да си го создадат имиџот што го немаат. Печалбарите, кои го прават ова, всушност, го имитираат она што се случува на Запад, па го пренесуваат како однесување и во Македонија.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска