1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанците бараат заштита на културното наследство

Свето Тоевски6 мај 2012

„Културно-историското наследство на Албанците во Македонија се наоѓа под сериозна закана и треба да се спречи неговото уништување, се наведува во Меморандумот за заштита на културното наследство на Албанците

https://p.dw.com/p/14qj8
Фотографија: DW

Овој документ произлезе од расправата на тема „Албанскиот идентитет и улогата на културното наследство при неговата заштита“, одржана минатиот месец месец во Скопје. Десетина научни работници и универзитетски професори – Албанци го потпишале тој меморандум, кој ќе биде испратен до државните институции, политичките субјекти и до амбасадите и другите дипломатски претставништва во Македонија. Министерството за култура не одговори на барањето на ДВ да го соопшти својот став околу наводите во „Меморандумот“. Побаравме и изјави од тројца негови потписници. Во која смисла се деградира и се уништува албанското културно-историско наследство во Македонија? - го прашавме Шефќет Зеколи, директор на државниот Институт за заштита на културното и духовно наследство на Албанците во РМ.

Зеколи истакнува:

„Албанското културно наследство се деградира и се уништува во смисла на деградирање, или фалсификување на историјата и на целото културно и духовно наследство на Албанците, особено на она материјалното. Сетете се на работите на скопското Кале и на други локации каде што одредени институции на државата свесно и намерно ја прикажуваат целата историја на Албанците како поинаква, фалсификувајќи ја.“

Миџаит Положани, професор по историја на уметноста во истиот универзитет, тврди:

„Одредени археолози и други стручњаци тенденциозно одбегнуваат да го означат како илирски еден дел од културното наследство и културата во Македонија. Културата, за која не е спорно дека е илирска, тие стручњаци ја означуваат како македонска култура. Она што претставуваше ’хеленистичка култура’ тие сега го поистоветуваат како античко-македонска култура. Одредени периоди од постоењето на скопското Кале се илирско духовно наследство, но систематски се избегнува тоа да се каже“.

Kale Festung in Skopje Flash-Galerie
Фотографија: Sinisa Jakov Marusic

Повеќе Албанци во институциите

Сефер Тахири, научен соработник во споменатиот институт, посочува:

„Сите фактори треба да се ангажираат со цел да се заштитат и да се афирмираат на институционален начин вредностите на културното наследство на Албанците. Краен момент е да се спасат овие етнокултурни вредности, кои од ден на ден се уриваат пред нашите очи. Ние, потписниците на меморандумот, во него препорачуваме да се зголеми бројот на вработените – Албанци во институциите, кои се одговорни за заштитата на културното наследство.“

Положани заклучува:

„Албанскиот идентитет во Македонија не е загрозен, но, треба да се покренат научни проекти во врска со албанската национална култура, за да се дефинира кои се елементите од таа илирска култура, која е присутна во Македонија. Јас не сметам дека се’ е илирско во земјата“.