1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанците не смеат на барикадите

16 јануари 2012

Судирот на полицијата и активистите на „Самоопределување“ на Косово предизвика различни реакции. За дел од аналитичарите е спорно како во таа држава Србите можат да подигнуваат барикади, а на Албанците тоа им е забрането

https://p.dw.com/p/13kLM
Фотографија: AP

На протестот на „Самоопределување“ одржан во саботата во близина на два гранични премини кон Србија, повредени беа околу 20 граѓани и 32 припадници на полицијата. Приведени биле 146 лица, од кои 15 биле задржани во притвор. Портпаролот на полицијата Баки Кељани изјави дека употребата на сила била неопходна за да се стави состојбата под контрола.

„Сите постапки беа неопходни и во склад со предвидените законски процедури. Беше употребена неопходна сила бидејќи демонстрантите фрлаа со различни предмети, а од нив, со повреди се здобија не само полицајците, туку самите демонстранти“, вели Кељани.

Од друга страна, движењето „Самоопределување“ оцени дека косовската влада е полициска, а она што се случи во саботата го сметаат за напад врз опозицијата и демократијата. Од движењето побараа да се пуштат на слобода сите приведени, и најавија дека ќе организираат нови блокади, доколку владата во Приштина не одговори со реципроцитет кон Србија.

Ausschreitungen im Kosovo Podujevo
Фотографија: AP

Опозицијата не го поддржа протестот

Другите две албански опозициски партии Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово не го поддржаа протестот на „Самоопределување“. Лидерот на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа изјави дека нема причина институционалните прашања да се префрлаат на улица, но не коментираше дали полицијата ги пречекорила своите овластувања.

„Она што го видовме на теренот не беше добра слика, но секогаш треба да се има на ум дека можат да се очекуваат проблеми кога работите ќе излезат надвор од институциите“, вели Мустафа.

Двојни стандарди

Ausschreitungen im Kosovo Podujevo
Судири со полицијата во близина на ПодујевоФотографија: picture-alliance/dpa

Политичкиот аналитичар Бељуљ Бечај вели дека судирите до кои дојде претставуваат показател дека на Косово владеат двојни стандарди, едни кон Србите, а други кон Албанците.

„Едно се прави на северот, а друго во останатиот дел на Косово. Едно се прави кога српската заедница ги блокира патиштата, а друго кога тоа се обидува да го стори албанската заедница, и тоа од оправдани причини, бидејќи на тој начин се брани резолуцијата која ја донесе самото Собрание“, вели Бечај.

Тој оценува дека и меѓународната заедница со поддршката на косовската влада, го прави точно обратното од она за што се залагала.

„Тука не се работи за руинирање на парламентарната власт на Косово, ниту дека таа власт е руинирана од страна на владата, туку се создава една амбасадорска власт и тоа е погубно за меѓународната заедница, и за нас, но и за сите земји кои имаат претензии да бидат од демократски карактер“, вели Бечај.

Автор: Зулфија Јакупи/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска