1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алексов ја предводи набљудувачката мисија за изборите на Косово

6 ноември 2009

Претседателот на Граѓанската Асоцијација „Мост“ Дарко Алексов ќе биде шеф на набљудувачката мисија на локалните избори на Косово, на 15 ноември. Алексов ќе биде на чело на Европската набљудувачка мрежа (ЕНЕМО).

https://p.dw.com/p/KP06
Дарко Алексов, претседател на „Мост“Фотографија: Petr Stojanovski

Господине Алексов, како се најдовте на чело на меѓународната набљудувачка мисија која на 15 ноември ќе ги мониторира локалните избори на Косово?

ЕНЕМО е формирана во 2000 година, а Граѓанската асоцијација „Мост“ е нејзина полноправна членка од 2004 година. Во последните две години „Мост“ е член на секретаријатот, односно на телото кое управува со ЕНЕМО. Инаку околу составот на ЕНЕМО мора да се потенцира фактот дека е составена од 19 организации од 18 држави од Југоисточна и Централна Европа, како и од државите од поранешниот Советски сојуз. Досега ЕНЕМО има покриено повеќе од 10 изборни циклуси во овој регион. Ова само по себе значи еден параметар за капацитетот на оваа мрежа, која досега има ангажирано 200. 000 набљудувачи, кои во текот на минатиот период биле обучени и распоредени на околу 100 избори. Ние сме на Косово затоа што ЕНЕМО доби покана од косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, а по мојата апликација, организацијата одлучи да ме именува за шеф на мисијата на локалните избори на 15 ноември и вториот круг на 13 декември.

Колкав е предизвикот пред кој се најде оваа ваша европска мрежа на набљудувачи?

Ова се првите избори кадешто ОБСЕ, ОДИХР, Советот на Европа и Парламентарното собрание на локалните власти при Советот на Европа нема да организраат набљудувачки мисии, поради спецификата на статусот на Косово пред меѓународните организации. Затоа ЕНЕМО ќе биде единствената меѓународна набљудувачка мисија на овие избори. Методологијата што ја аплицираме и стандардите по кои работиме се утврдени и се исти или слични со оние на ОБСЕ и ОДИХР. Да, ова можеби е прва таква мисија со толку висок профил на организацијата, но исто така предизвикот е и пред другата страна пред се поради фактот дека косовските власти за првпат од своето осамостојување имаат можност за самостојно спроведување избори.

Како ЕНЕМО ја организира работата на набљудувачите на овие избори?

„МОСТ“ како една од членките на ЕНЕМО на овие избори ќе има десетина набљудувачи кои ќе бидат распоредени во рамки на шесте региони што ќе се покриваат на терен. ЕНЕМО во овој момент функционира од Приштина, со централната канцеларија или таканаречениот „Кор тим“, а во исто време има распоредено шест тима со по два долгорочни набљудувачи во шестте региони кои покриваат 36 општини во кои ќе се организираат изборите на Косово. На денот на изборите ЕНЕМО ќе има максимум 120 краткорочни набљудувачи во сите 36 општини.

Имате ли соработка со партиите на локално ниво, а пособено со меѓународните организации и косовските власти?

Методологијата по која се работи предвидува комуникација, координација и соработка со сите структури што Вие ги набелжавте. Досега, од политичките партии, од институциите, од властите и од меѓународната заедница, не би можеле да се пожалиме дека се затворени или некоперативни. Напротив, имаме многу интензивна комуникација и соработка и се’ до денешениот ден таа соработка е доста добро оценета од наша страна.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска