1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Каеда регрутира самоубијци преку огласи

Александар Методијев/афп/миа7 јуни 2012

Ал Каеда преку објава на огласи на интернет бара регрути, кои би спровеле самоубиствени бомбашки напади врз цели во САД, Израел, Франција и Британија. Повиците се објавени на веб страници на Арапскиот Полуостров.

https://p.dw.com/p/159uE
Фотографија: Reuters

Во огласите се бараат волонтери со кои преку електронска пошта ќе се стапи во контакт за деталите околу нивното искуство и предложените цели на напад. Тие се објавени на џихадистички форуми, вклучувајќи ги Ал-Фида, Шмук ал-Ислам и Хонеин.

„Целта на оваа обука е да се продолжи со нашите браќа, кои тежнеат да спроведат операции со многу големи убиства и колеж на непријателите на исламот“, стои во огласот на Ал Каеда со седиште во Јемен.

„Сега е јасно дека поединечниот џихадист, или како што се нарекува ’волк самотник’, стана се повеќе распространет и неговото влијание почна да се гледа. Сумирано, тоа е комплетна џихадистичка операција која се спроведува од еден бомбаш“, се дополнува во огласот на Ал Каеда.

Цел на нападите ќе бидат „оние кои се борат против муслиманите и исламот“, а посебно се нагласуваат „економските, воените и медиумските интереси на непријателот“.

„Нивниот идентитет мора да биде, според приоритетот, американски, израелски, француски и британски“, стои во огласот.

Ал Каеда и нејзините разграноци често ги користат џихадистичките интернет форуми за преземање одговорност за напади, како и за комуникација со следбениците.