1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Каеда: САД стојат зад заговорот за соборување од власт на Мурси

СН/ЖА/дпа/ртр/миа/афп3 август 2013

Лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири уште ги повика Муслиманското братство во Египет и неговите поддржувачи да се откажат од демократијата и да се насочат кон владеење со целосно спроведување на исламското право.

https://p.dw.com/p/19JDR
Ајман ал ЗавахириФотографија: dapd

САД стојат зад заговорот со кој пред еден месец египетската армија го смени од власт претседателот на Египет, Мохамед Мурси, изјави лидерот на терористичката мрежа Ал Каеда, Ајман ал Завахири.

„Крстоносците, секуларистите и америкаризираната армија (на Египет)... со помош на парите од земјите од Персискиот Залив и заговорот на Американците, успеаја да го соборат од власт Мохамед Мурси“, изјави Египќанецот Ал Завахири во аудио запис објавен на неколку исламистички интернет страници.

Во 15- минутната снимка, Ал Завахири го обвини христијанското малцинство на Коптите во Египет дека го поддржало соборувањето на Мурси: „Крстоносците го поддржаа симнувањето од власт на владата на Мурси бидејќи нејзиниот пад е чекор напред кон создавање на коптска држава, што ја бараат во јужен Египет“.

Досега нема независна потврда за автентичноста на снимката во која лидеро на Ал Каеда уште истакна: „Она што се случи во Египет е најголем доказ за неуспехот со демократски средства да се создаде исламска влада“. Во таа насока Ајман Ал Завахири ги повика Муслиманското братство во Египет и неговите поддржувачи да се откажат од демократијата и да се насочат кон владеење до целосно спроведување на исламското право.

Аудио снимката со пораките на лидерот на глобалната терористичка мрежа се појави два дена по изјавите на американскиот министер за надворешни работи, Џон Кери дека египетската армија со соборувањето од власт на Мурси постапила во насока на „возобновување на демократијата по барање на милиони лица“.

Ал Завахири застана на чело на Ал Каеда по ликвидацијата на дотогашниот лидер на оваа теростостичка мрежа, Осама бин Ладен, од страна американски командоси во мај 2011 година во Пакистан.