1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбасадата на САД во Скопје не го коментира грчкиот печат

10 март 2010

Вашингтон останува посветен на преговорите за името кои се водат под закрила на ОН, соопшти амбасадата на САД во Скопје одбивајќи да ги коментира пишувањата на грчкиот печат по средбата на Папандреу и Обама во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/MP5K

Амбасадата на САД во Скопје денеска одби да ги коментира информациите во грчкиот печат за наводната согласност на официјален Вашингтон името и јазикот на Македонија да бидат преименувани во „Република Северна Македонија“ и „северно македонски“.

Од амбасадата на САД во Скопје за агенцијата „еРепортер“ изјавија дека „немаат информации за шпекулациите во грчкиот печат базирани на анонимни извори“ и соопштија оти САД продолжуваат со подршка на процесот што се води под закрила на Обединетите нации за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Пишувањата на атинскиот весник „То Вима“, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска беа оценети како медиумски трик или интрига.

Друцас: притисокот е сега врз Скопје

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Димитрис Друцас во интервју за домашната НЕТ телевизија по средбите на Папандреу во Вашингтон изјави дека притисокот за решение на спорот со името сега е врз Скопје. Друцас е категоричен дека врз Грција не постоел притисок од страна на американската администрација за надминување на спорот со името. „Во врска со прашањето за името на ПЈРМ, ние ги земавме уздите во наши раце - го покажуваме правецот во кој треба да се движиме. Мислиме дека вистинскиот притисок е на другата страна. Но ние сакаме, на отворен и конструктивен начин, да се најде решение кон кое тежнееме“, рекол Друцас, повторувајќи ја грчката црвена линија - име со географска одредница за севкупна употреба.

Stellvertretender Aussenminister Griechenland Dimitris Droutsas
Димитрис ДруцасФотографија: DW

Од грчката опозициска Неа Демократија денеска оценија дека „нов развој во врска со прашањето за името би требало да се очекува околу одржувањето на самитот на НАТО оваа есен“.

Словенечкиот европратеник Зоран Талер, кој е и известувач на Европскиот парламент за Македонија денеска ја повика високата претставничка на Европската унија Кетрин Ештон да настојува да го реши спорот за името меѓу Македонија и Грција. Повикот на Талер дојде по обраќањето на Ештон, во кое таа истакна дека Унијата инсистира на завршување на реформите во земјите од регионот на Западниот Балкан.

Aвтор: БГ/макфакс/миа/еРепортер

Редактор: Александра Трајковска