1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбасадорите во Македонија повикаа на слободни избори

АТ/ миа23 март 2013

Амбасадорите на Германија, Холандија и на Велика Британија во Република Македонија Гудрун Штајнакер, Мариет Шурман и Кристофер Ивон ги повикаа граѓаните да излезат на избори и слободно да ја изразат својата волја.

https://p.dw.com/p/1837i
Германска амбасада во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Овие избори, смета амбасадорката на Германија Гудрун Штајнакер, се најблиску до граѓаните и во таа насока, како што рече, се надева оти голем број гласачи ќе го искористат своето право и ќе излезат на гласање, бидејќи е многу важно да се практикуваат демократските права.

„Задоволство ни е да ја поддржуваме ’Мост’ не само во набљудувањето, туку и да придонесеме овие избори да ја покажат подготвеноста на демократскиот дух на вашата земја и подготвеноста за влез во ЕУ, за што се надевам дека ќе биде направен некој прогрес оваа година во таа насока“, рече на прес-конференцијата Штајнекер.

Амбасадорката Шурман ги повика сите граѓани утре на локалните избори слободно да се изразат, а сите инволвирани чинители, како што рече, да им овозможат на граѓаните слободно да го остварат своето право на тајно гласање.

Важноста на мирни, спокојни и професионални локални избори ја потенцира и британскиот амбасадор Ивон, кој изрази надеж дека утре граѓаните ќе го искористат правото на глас.

Локалните избори утре (24.03) ќе ги следи со околу 3.200 набљудувачи, број со кој ќе се покрјат околу 50 проценти од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамки на секоја општина.

Darko Aleksov von der Nichtregierungsorganisation MOST
Дарко Алексов, „Мост“Фотографија: Agentur MAKFAX

Набљудувачите на „Мост“ ќе бидат статични, информираше на денешната прес-конференција извршниот директор Дарко Алексов, а мобилни тимови ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои нема да има статични набљудувачи.

„Мост“ денеска го набљудува и предвременото галсање на болните и изнемоштени лица, внатрешно раселените, лицата во затвор и во куќен притвор.

Од „Мост“ упатија апел за одржување фер, слободен и мирен изборен процес.