1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прислушувањето стигна во Сенатот

Ралф Зина / Елизабета М. Фиданоска29 октомври 2013

Критички прашања, а одговори речиси и нема - аферата со прислушувањето во меѓувреме и во САД предизвикува големи бранувања. Американскиот Сенат најави истрага.

https://p.dw.com/p/1A7bH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не само Германија е запрепастена од аферата со прислушување. Иритирани се и американските известувачи од Белата куќа - на американскиот претседател наводно тајните служби не му давале основни информации. Дали долгогодишното прислушување на мобилниот телефон на германската канцеларка не е нешто за што Барак Обама би сакал да биде информиран?, гласи прашањето до портпаролот на Обама, Џеј Карни. И дали Обама од своите тајни служби не би морал да очекува вакви информации, сакаат да знаат известувачите од Белата куќа на големите американски телевизиски станици.

Нема конкретен одговор

Меѓутоа, портпаролот на американскиот претседател не дава конкретен одговор и наместо тоа ја фали одбраната од тероризам на американските тајни служби. „Таа работа спасува животи и ги штити САД и нивните сојузници“, изјави Карни. Американските новинари во просторијата за претставниците за печат во Белата куќа вртат со главите. „Како прислушувањето на телефонските разговори на еден близок сојузник на САД спасува животи?“, сака да знае еден од новинарите. Портпаролот на Обама капитулира: „Знам дека од мене очекувате коментар за извештаите околу специјалните операции на тајната служба, но такво нешто едноставно не сум во состојба да дадам.“

Jay Carney USA Sanktionen Libyen
Џеј Карни нема одговорФотографија: picture alliance/dpa

Сепак, американскиот претседател не продолжува едноставно со вообичаениот дневен ред, нагласува Белата куќа, туку има налог да се провери практиката на НСА, за да не се применува по секоја цена се‘ што е технички можно за прислушување. Обама сака „одмерен баланс“ меѓу заштитата на приватната сфера на Американците и на шефовите на странски држави или влади и одбраната од тероризам, објаснува Карни.

Искршен трансатлантскиот порцелан

На крајот на годинава Белата куќа ќе го има ваквиот извештај за работата на тајните служби, ги теши Карни германските осјузници. Но тие јасно ставаат до знаење дека трансатлантското партнерство и таканаречената заедница на вредности се оштетени на неопределено време. Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Елмар Брок, кој е во Вашингтон, зборува за загуба на доверба. „Треба да се концентрираме на борба против тероризмот, наместо неселективно да прислушуваме секого“, оценува тој.

Американскиот Сенат бара проверка на тајните служби

Со него сосема се согласува Дајен Фајнштајн, влијателна личност, блиска до Обама. Таа е апсолутно против прислушување на шефови на влади кои се сојузници на САД, како што е Германија. Оваа демократска сенаторка и претседател на Комисијата на американскиот Сенат за надгледување на работата на тајните служби смета дека сите американски програми за шпионирање треба да бидат подложени на контрола. Фајнштајн има намера да се сретне со Брок во Вашингтон. Барем на демократите во Сенатот не им е сосема сеедно што германскиот пријател е многу налутен.