1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американските фирми бараат реформи во Германија

Сабине Кинкарц/Б. Георгиевски15 март 2013

Форд, ИБМ, Мекдоналдс - американските фирми во Германија инвестирале околу 130 милијарди евра. Тоа упатува на оценката дека Германија е атрактивна за инвеститорите. Но, дали е тоа точно?

https://p.dw.com/p/17yKc
Фотографија: AP

Еднаш годишно американската стопанска комора во Германија спроведува анкета меѓу инвеститорите за состојбата и перспективите на стопанството во земјата, како и за условите за работа. На годинешната конференција учествуваа 58, главно големи компании. Тие заедно годишно заработуваат 95 милијарди евра во Германија и вработуваат околу 240 илјади луѓе.

За разлика од минатата година, кога прогнозите беа внимателни, за годинава предвидувањата се оптимистички. Две од три компании сметаат на раст на прометот, а повеќе од третина најавуваат нови инвестиции и отворање нови работни места. Инвеститорите се уверени во силата на Германија како место за производство, вели Бернхард Матес, потпретседател на американската стопанска комора во Германија и шеф на Форд во Германија.

Но иднината не е само розова. Американските инвеститори сметаат дека најголемото европско стопанство е премногу самозадоволно. Според Клаус Фуест од консалтинг фирмата „Роланд Бергер“, тоа е видливо и во бројните разговори со водечките американски бизнисмени.

Германија спие?

„Инвеститорите веруваат дека Германија е многу успешна, но истовремено и дека живее на ловориките“.

Германија досега многу успешно ја преброди кризата и за неа може да се говори и како за профитер од кризата, вели Фуест. Земјата има силна индустриска база, светски првак е во извоз кој годинава дополнително и ќе се зголеми.

„Сето тоа е добро, но истовремено во земјата се случува премалку и ни се заканува опасноста да паднеме во истата замка во која упаднавме кон крајот на 1990-тите години“, вели Фуест.

85 отсто од американските фирми сметаат дека постои голема потреба од реформи во земјата за да се задржи конкурентноста на светскиот пазар. Државата и стопанството мора и натаму да се развиваат, вели Матес. Реформите не се нешто што почнува денес, а завршува утре. Тие се континуиран процес.

Bernhard Mattes Chef Ford Deutschland
Бернард МатесФотографија: picture-alliance/ dpa

На самиот врв на листата на потребни реформи е барањето за подобро школство и поцентрализиран образовен систем. Многу ученици кога ќе завршат гимназија не се подготвени за вработување. Освен тоа, времетраењето на процесот е толку долг што по стекнувањето на квалификациите многумина забораваат што учеле претходно.

На американските бизнисмени им пречи и преголемата и бавна бирократија и бараат либерализација на доселувањето на стручна работна сила од странство.

Американците се плашат и од растечки цени на енергијата во земјата. Доколку тој тренд продолжи, индустриските гранки кои трошат големи количества електрична енергија ќе размислат дали да останат во Германија.

Од американска перспектива Германија е само една од земјите во Европа. При донесувањето на одлуката дали да се инвестира во Германија, Италија или Франција, националните граници не играат никаква улога, вели Матес. Многу поважни се условите за работење во одредени земји.