1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците го предадоа затворот Баграм

ЕМФ/дв10 септември 2012

Контроверзниот затвор Баграм, во кој има над три илјади затвореници, отсега ќе биде раководен од страна на авганистанските власти. Сепак, дел од затворениците остануваат под американски надзор.

https://p.dw.com/p/1666t
Фотографија: Getty Images

САД им го предадоа на Авганистанците затворот Баграм, во кој има околу три илјади затвореници - талибански борци и осомничени за тероризам. Авганистанската влада одамна сакаше да ја преземе одговорноста за затворот кој го создадоа Американците. Предавањето на Баграм е важен чекор во процесот на предавање на одговорноста за безбедноста во рацете на Авганистанците, кој треба да биде завршен до крајот на 2014 година.

На деветти март двете земји потпишаа договор, според кој затворскиот комплекс треба да биде во авганистанска одговорност. Вашингтон аргументира дека странските затворенци не потпаѓаат под договорот и затоа САД и натаму имаат право на апсење осомничени и нивно затворање. Авганистан го негира тоа право.

Затоа, од предавањето на затворот се изземени околу 50-мина странци осомничени за тероризам, кои потекнуваат од земји како Пакистан. Тие и натаму остануваат под американски надзор. Затворот Баграм се наоѓа на околу 40 километри северно од главниот град Кабул, во една база на НАТО. Таму во февруари почнаа протестите на Авганистанците поради палењето на околу 400 примероци на Коранот од страна на американски војници. Во крвавите демонстрации загинаа околу 30 луѓе.

Критичарите го нарекуваат Баграм и „авганистански Гвантанамо“, поради тоа што затворот во минатото постојано беше присутен во медиумите со вести за обвинувања за измачувања затвореници или временски неограничено затворање.