1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците им плаќаат рекет на талибанците

27 јуни 2010

Политичари од САД истакнуваат дека авганистанската влада мора да се бори против корупцијата. „Вашингтон пост“ пишува дека и Американците плаќаат поткуп, повикувајќи се на извештајот од истражната комисија на Конгресот.

https://p.dw.com/p/O163
Американски војници во АвганистанФотографија: AP

Снабдувањето на американските трупи во Авганистан е огромна задача. Како прво поради тоа што таму има 100.000 војници, како второ поради тоа што скоро се‘ се набавува од странство. Прехранбени продукти, вода, бензин, муниција, сето тоа се носи со камиони од Пакистан или други земји во регионот, кои поминуваат долг пат до над 200-те бази на САД во Авганистан. Американската војска добро плаќа за таквите услуги.

Поткуп за безбедноста на конвоите

USA Presse Washington Post Hauptquartier Logo
„Вашингтон пост“ цитира од извештајот за поткупувањетоФотографија: AP

Осумте претпријатија во Авганистан, кои го организираат транспортот, имаат договори вредни над 2,1 милијарди долари. Значаен дел од оваа сума очигледно завршува во рацете на луѓе, кои американската влада не ги смета за пријатели. Пратеникот од редовите на демократите, Џон Тирни за ТВ-станицата СиБиЕс изјави: ,„Пари од американските даночни обврзници ги финансираат старешините на локалните вооружени групи и другите кои ја поттикнуваат корупцијата во авганистанската влада.“ Тирни раководеше со истражната комисија на Конгресот, која се занимаваше со тоа прашање, и подготви извештај од 79 страници, со наслов „Ворлордс а.д.“, кое се цитира во „Вашингтон пост“. Според информациите, често пати се плаќаат превисоки суми поткуп за да не бидат нападнати конвоите со американски производи.

Авганистанските воени профитери очигледно се ангажирани како партнерски претпријатија кои нудат персонал, за обезбедување на камионите по патот. Воените профитери ја гарантираат безбедноста на конвоите, во област кои самите ја контролираат. За оваа „услуга“ тие наплаќаат помеѓу 1.500 и 15.000 долари по камион. Еден од највлијателните старешини на локалните вооружени групи оперира на значајната рута Кабул-Кандахар. Надлежното претпријатие за транспорт е во сопственост на двајца братучеди на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи.

Шокантни информации во извештајот

Taliban Führer Hakimullah Mehsud
Се финансира оружјето за ТалибанцитеФотографија: picture alliance / dpa

Истражувачите не најдоа докази за тоа дека им плаќале директно на Талибанците, но еден менаџер на транспортна фирма проценува дека неделно во рацете на бунтовниците завршуваат до два милиона долари. Дали тоа значи дека со американски даночни пари се финансира оружјето за Талибанците? „Тоа не’ загрижува, во секој случај е веројатно“ - вели шефот на комисијата Тирни, истакнувајќи дека резултатите од истражувањето се шокантни.

На прашањето, кој знае за ваквата состојба, во извештајот на комисијата се вели дека тамошните воени логистичари не знаат ништо, оти воопшто не се грижат за безбедносни прашања. Од друга страна, на Министерството за одбрана во Вашингтон потполно му е јасно дека дел од американските долари завршува во рацете на воените профитери и бунтовниците. Со други зборови, за да ја загарантира безбедноста на своите конвои, владата на САД ги минира сопствените напори да ја намали корупцијата во Авганистан и да ја стабилизира земјата.

Автор: Сабине Милер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска