1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците построги од Европејците?

10 март 2010

Во борбата против огромниот државен долг Грција ќе добие поддршка и од САД. Премиерот Јоргос Папандреу по средбата со американскиот претседател Барак Обама изјави дека добил позитивен одговор на барањето за поддршка.

https://p.dw.com/p/MOVQ
Фотографија: picture alliance/dpa

Јоргос Папандреу во Вашингтон изјави дека Барак Обама му дал јасна поддршка во борбата против должничката криза на Грција. Обама, исто така, ветил дека проблемот со шпекулациите на берзите, кои уште повеќе ја влошија грчката криза, ќе се најде и на дневниот ред на средбата на групата Г-20 планирана за јуни, во Канада. Американската администрација таму ќе ги поднесе предлозите за ограничување на шпекулациите со осигурувањата за долговите. Според извори во Вашингтон, американските предлози за контрола на финансиските пазари би можеле да бидат дури и построги од плановите што моментално се кројат во Европа.

Европски монетарен фонд не може да ја спаси Грција

Германската канцеларка Ангела Меркел, имено, вчера (09.03.2010)разговараше со претседавачот на еврозоната, премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, кој ја поддржа иницијативата за построга контрола на финансиските пазари. Станува збор за шпекулирање со полисите за осигурување на државни долгови што не можат да бидат вратени. Во случајот на Грција ваквите шпекулации на берзите уште повеќе ја влошија должничката криза. Јункер по средбата со Меркел во Луксембург и’ се приклучи на четиристраната иницијатива, што во меѓувреме ја предводат уште и францускиот претседател Никола Сакрози и грчкиот премиер Јоргос Папандреу.

Јункер и Меркел се изјаснија и за формирање на Европски монетарен фонд: „Кога имаме сопствена валута, тогаш има доволно добри причини таа валута да се штити во вакви ситуации. Тоа, меѓутоа, не значи дека Меѓународниот монетарен фонд ќе стане излишен, но со ваквиот чекор европскиот настап во ММФ ќе стане уште покохерентен“, порача канцеларката Меркел во Лукемсбург, појаснувајќи дека Фондот нема да може да ја спаси Грција од кризата, туку ќе биде мерка против слични ситуации во иднина.

Angela Merkel Jean-Claude Juncker in Luxemburg Flash-Galerie
Жан Клод Јункер и Ангела Меркел се изјаснија за формирање на Европски монетарен фондФотографија: picture alliance / dpa

Шпекулациите не се извор на грчките проблеми, но ги влошуваат

Домаќинот Жан Клод Јункер појасни дека новиот фонд нема да значи разлабавување на европската монетарна дисциплина: „Сакам да додадам дека со овој инструментариум, што го носи работниот наслов Европски Монетарен Фонд, нема да се отвори вратата за земјите членки да се опуштат по прашањето на буџетската дисциплина.“

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, во меѓувреме, ја поддржа иницијативата за создавање Европски монетарен фонд, како и онаа за построга контрола на финансиските пазари. Тој појасни дека шпекулациите со осигурувањето за грчките долгови не се изворот на проблемите на Грција, но оцени дека сепак придонесле за натамошно влошување на ситуацијата. Барозо порача дека Комисијата наскоро ќе изработи и предлог за зголемена контрола на финансиските пазари.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска