1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците сакаат да го обезбедуваат Сочи

ЖА/дв/афп/дпа21 јануари 2014

Дали исламистите планираат напад врз Олимписките игри во Сочи? Во САД, кои во Сочи испраќаат најбројна спортска екипа, расте сомнежот во тоа дека руските мерки за безбедност се доволни.

https://p.dw.com/p/1Au91
Фотографија: picture-alliance/dpa

Војската на САД соопшти дека е подготвена да помогне околу обезбедувањето на Зимските олимписки игри во Сочи и да испрати, меѓу другото, и два воени бродови во Црното Море, доколку тоа е потребно.

Пентагон соопштува дека американските воени команданти внимателно планираат подготовки доколку е потребна помош и интервенција на САД, .

„САД и‘ понудија потполна поддршка на руската влада во спроведување на безбедносните подготовки за Зимските олимписки игри“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

Соопштението од Пентагон следува еден ден откако две лица кои се појавија на видео снимка и се претставија како исламски екстремисти ја презедоа одговорноста за нападите на југот од Русија, во Волгоград, во кои загинаа 34 луѓе и му порачаа на рускиот лидер Владимир Путин да очекува „подарок“ на Олимпијадата во Сочи од нивните истомисленици.

Олимписките игри во Сочи ќе се одржат од 7. до 23. февруари, а во продолжение од 7. до 16. март ќе се одржи Параолимпијадата. За целиот период на манифестациите се предвидени засилени мерки на безбедност. Во акција ќе бидат околу 37 илјади пoлицајци и војници. Олимпијадата е најкрупниот меѓународен настан во Русија од распадот на Советскиот сојуз во 1991. година и се смета за престижен проект на претседателот Владимир Путин.