1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците се возбудени-спалување на коранот!?

8 септември 2010

Тери Џонс, пасторот на малата евангелиска заедница во Флорида најави спалување на коранот на 11 септември, денот кога кулите-близначки во САД беа цел на исламистички терористички напади. Насекаде протести против планот.

https://p.dw.com/p/P6cI
Тери Џонс планот не го смета за провокацијаФотографија: AP

Евангелистичкиот пастор Тери Џонс има големо досие, кога се нападите против исламот во прашање. Меѓутоа неговата мала религиозна група ретко предизвикува внимание во американското општество. Пред една година пред својата црква Џонс постави натпис на кој стоеше: „Исламот е ѓавол“. Меѓутоа, ниту ова не ги потресе Американците.

Меѓутоа сега во САД наголемо се дебатира околу пристапот кон исламот и градењето на џамија на Граунд зиро во Њујорк. Муслиманите во земјата велат дека никогаш порано не владеела толку непријателска атмосфера. Во такви услови, планираното спалување на муслиманската света книга предизвика огромно медиумско интересирање - 58 годишниот пастор веќе даде преку 150 интервјуа:

„Ова го правиме во помен за сите, кои на 11 септември беа брутално убиени и сакаме на радикалните исламисти да им пратиме јасна порака. Шаријата не не` интересира, нема да ги толерираме вашите закани и брутални радикалности.“

Koran-verbrennung Koran Christen USA Islam
Фотографија: AP

Американската влада го осуди планот на пасторот

Американската влада е вознемирена од најавите на пасторот Џонс. Министерката за надворешни работи, Хилари Клинтон, остро го осуди планираното спалување на коранот. Таа истакна дека охрабрува фактот што лидерите на големите религиозни заедници во САД исто така едногласно ги осудиле плановите на Џонс.

Портпаролот на министерството за надворешни работи, Филип Краули, говореше за провокација и непочитување на другите религии. Тој изрази надеж дека малата религиозна група сепак ќе се откаже од плановите. Истовремено, Краули нагласи дека групата на пасторот Џонс се состои од педесетина приврзаници и затоа нивните акции не смеат да се поистоветуваат со цела Америка.

Реакции од генерал Дејвид Петреус од Авганистан

Причина за загриженост има и главниот командант на американските трупи во Авганистан, Дејвид Петреус. Тој стравува дека спалувањето на коранот може да предизвика лутина кај радикалните исламисти, што ќе доведе до одмазднички акции против американските војници. Во Кабул веќе дојде до протести пред една џамија. Насобраните граѓани го спалија американското знаме, извикувајќи „смрт за Америка“.

General David Petraeus
Генерал Дејвид ПетреусФотографија: AP

Пасторот Тери Џонс ги смета стравувањата на генералот Петреус за оправдани.

„Навистина сме загрижени и сериозно ги сфаќаме зборовите на генералот Петреус. Се молиме за акцијата на 11 септември.“

Во интервјуто за СиЕнЕн, Џонс дури ги повика умерените муслимани да му се придружат во акцијата.

Коранот е светата книга на муслиманите, кои бараат големо почитување во односот со неа. Секоја спротивност се смета за длабока навреда, што во минатото често водело до остри реакции. Сепак, се` уште не е сигурно дека Тери навистина ќе го запали коранот на 11 септември. Тој имено се` уште нема добиено одобрување од локалната противпожарна служба.

Автор: Артур Циглер/ Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска