1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191010 USA Konsum

27 октомври 2010

Поради кризата, во САД се укинати 8 милиони работни места, милиони куќи отидоа на лицитација, а на пазарите на акции се уништени повеќе од 26 билиони долари заштеди. Ова ги наведе Американците да ги менуваат навиките.

https://p.dw.com/p/PoBv
Се купува поретко, но квалитетноФотографија: AP

Американците, барем по прашањето на потрошувачката, се’ повеќе да се однесуваат како Европејците.

Како кризата влијаеше врз вас? Секој од запрашаните случајни минувачи во Менхетен во Њујорк има своја приказна:

„Сакав да имам телевизор со голем, тенок екран, но се откажав од тоа.“

„Поретко јадам во ресторан, а почесто си носам ручек од дома.“

„Пред да почнам да купувам повеќе размислувам што ми е потребно и дали навистина ми е потребно тоа“.

Пред кризата, малкумина Американци се занимаваа со вакви мисли, нагласува Брајан Њубери, маркетиншки стратег на една агенција од Охајо:

„Тие сега купуваат попретпазливо. Пред рецесијата луѓето купуваа се’ што ќе посакаа и кога ќе посакаа, зашто лесно добиваа кредит.“

USA Shopping in Manhattan
Шопинг-центар во МенхетенФотографија: picture alliance/Lonely Planet Images

Според студијата направена од агенцијата, Американците не само што сега поретко купуваат, туку некои и ги проценуваат работите.

„Го купувам само она што ми е потребно, квалитетно за пониска цена. Квантитетот веќе не е битен.“

Купување само кога е потребно

Поретко се купува спонтано, оценува Њубери. Американците сега повеќе сакаат потрајни производи. Скапите производи и луксузна стока веќе не се знак за благосостојба - однесување кое досега повеќе беше карактеристично за Европејците.

„Американските потрошувачи стануваат како европските, одбираат помали продукти со подобар еколошки биланс. Купуваат помалку, само кога им е потребно.“

Џенифер Џејмс од Друштвото за истражување на потрошувачката од Њујорк не се согласува до крај со тезите на Њубери:

„Европејците при купувањето се многу понапред, тие размислуваат за својата социјална одговорност, за еколошката подобност, размислуваат алтруистички. Тоа е добро за нив, но и за планетава. Американците, пак, и натаму во преден план се ставаат себеси. Продуктите прво треба да се добри за нив, а ако покрај тоа се добри и за планетава - дотолку подобро.“

Ein Dollar Schein
Се купува повеќе во готово, а помалку на кредитФотографија: AP Graphics

Штедат дури и оние што не треба

Американците, значи, се однесуваат домаќински како речиси никогаш досега. Тоа звучи разумно, но го кочи стопанскиот подем во нивната земја и во светот, оти две третини од тамошниот стопански пораст зависат од домашната потрошувачка, но и Европа и Азија исто така зависат од извозот во САД.

„Стапката на штедење, мислам, е највисока за последните децении. Американците сега поретко купуваат на кредит, а многу повеќе плаќаат во готово.“

Џенифер Џејмс смета дека ова се должи и на изменетите услови за кредитирање - ратите се високи, а кредитна картичка веќе не може да добие секој.

„Овој менталитет е заразен. Дури и Американците чија финансиска состојба не е променета, кои не останале без работа, сепак ја ограничуваат потрошувачката, оти им се чини како да мораат да постапуваат така.“

Ваквото однесување ќе остане долгорочно, смета Брајан Њубери:

„Младата генерација фрла поглед врз родителите и е шокирана колку многу тие страдаа и колку беа неподготвени за ова. Младите не сакаат да бидат такви.“

Искуствата од економската криза оставија траги.

Автор: Мирјам Браун / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска