1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка во изборна треска, а во Русија сосем незаинтересирани

Естер Хартбрих4 ноември 2008

Русите рамнодушни за изборите во САД, иако наредниот претседател ќе мора да решава прашања кои и досега влијаеја врз руско-американските односи: проширувањето на НАТО кон Исток, спорот со Иран, блискоисточната политика.

https://p.dw.com/p/Fmn0
Кремљ нема свој фаворит на американските претседателски избориФотографија: Maksim Nelioubin

„Не се интересирам за изборите во САД, но мислам дека црнец би бил катастрофа. Тие порано беа робови, а сега претседател - тоа многумина не би го прифатиле“. Мислењето на Варвара, студентка по педагогија, е репрезентативно во однос на незаинтересираноста, но не е репрезентативно нејзиното одбивање на Барак Обама. Според актуелната анкета на Центарот Левада, речиси две третини од испитаниците во Русија се рамнодушни во однос на американските претседателски избори. Од оние кои се интересираат, пак, мнозинство од 37 проценти се неопределени во однос на кандидатите, 35 насто го претпочитаат Барак Обама, а само 14 проценти се изјаснија за Џон Меккејн.

Меккејн попредвидлив од Обама

Russland Weißes Haus in Moskau Duma
Рускиот парламент, Думата: кого повеќе го сакаат руските пратеници, Обама или Меккејн?Фотографија: picture-alliance/ dpa

Андреј Кокошин, заменик-претседател на владејачката партија Обединета Русија и пратеник во Думата, од дипломатски причини не вели за кого е неговата партија. Но, вака или онака, останува сфаќањето за САД како непријател. „САД не и’ беа дораснати на одговорноста како единствена супер-сила, ни политички, ниту економски или како гарант за монетарна стабилност“.

Се’ едно кој ќе победи, вели Кокошин, Русија треба со САД да решава редица тешки прашања. Тоа се прашањата кои и досега ги оптоваруваа нивните меѓусебни односи: ширењето на НАТО кон Исток, планираното инсталирање на американскиот антиракетен штит во Чешка и Полска, војната во Кавказот, политиката спрема Иран и Блискиот исток.

Републиканскиот кандидат Џон Меккејн настапува поагресивно спрема Русија, отколку демократот Барак Обама. Меккејн, кој, како што вели самиот, во очите на рускиот премиер Путин може да ги осознае само трите букви на тајната служба - КГБ, сака да ја исклучи Русија од Г8, кругот на најразвиените индустриски држави и без задршки подржува ширење на НАТО кон Исток. Но, некои политиколози сметаат дека токму тоа го прави Меккејн предвидлив. Помалку предвидливи се решенијата што би ги донел Обама како претседател, уште повеќе затоа што и тој меѓу своите советници има критичари на Русија.

John McCain in Nevada
Кандидатот на републиканците би бил попредвидлив за руските политичари: Меккејн на изборен собир во НевадаФотографија: AP

На Русите им оди полесно со републикански претседател на САД

Андреј Кортунов, претседател на фондацијата „Нова Евроазија“, не може во руското раководство да утврди недвосмислено преферирање на едниот или другиот кандидат: „Во Кремљ седат луѓе со различни мислења. Некои сакаат стабилност, се’ да оди како и досега. Тие го претпочитаат Меккејн. Други политичари сакаат промени, нов дијалог со САД - тие се надеваат дека Обама нуди повеќе шанси за тоа“, вели Кортунов.

Russland, Moskau, Kreml
Во историјата републиканските претседатели повеќе му одговарале на КремљФотографија: Maksim Nelioubin

Историски погледнато, Кремљ секогаш полесно излегувал на крај со републикански претседатели. Од руски агол на гледање, тие беа прагматични, заинтересирани за бизнисот и не се грижеа толку многу за прашања на човековите права и демократијата. Русија е самоуверена и знае дека Вашингтон мора да се соочи со Москва. Порано или подоцна секој американски претседател мора да го стори тоа. Обајцата кандидати изјавија дека сакаат колку што е можно поскоро да преговараат околу редуцирање на стратегиското нуклеарно оружје. Догодина истекува важноста на договорот за нуклеарно разоружување Старт.

Најновата книга на Обама издадена на руски јазик

Обама или Меккејн? Книгоиздателството Азбука се определи без задршки - кон средината на октомври ја издаде на руски јазик најновата книга на Обама „Смелост за надеж“. „Барак Обама е многу харизматична фигура. Тој е многу симпатичен, стамен и чесен човек - мислам на човекот, не на политичарот. Тоа го покажува и книгата. Ние сметаме дека тој ќе биде претседател. Тоа влијае врз руско-американските односи и врз целиот свет“ - вели Олга Чемичова, директор за односи со јавност во книгоиздателството Азбука.

Barack Obama trauert um seine Oma
Меѓу обичните Руси Обама има поголеми сипматии: Барак Обама плаче по веста за смртта на баба муФотографија: AP