1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка останува сама

Петер Филип13 декември 2008

Британските трупи ќе почнат да се повлекуваат од Ирак во март 2009. Лондон е задоволен од мисијата. Еден дел од војниците треба да бидат префрлени во Авганистан.

https://p.dw.com/p/GDqe
Назад кон В. БританијаФотографија: picture alliance/dpa

Никогаш не беше сосема јасно колку држави навистина учествуваа во коалицијата на Џорџ Буш. Значи, колку земји го поддржаа нападот на САД врз Ирак, пролетта 2003. Дури и во Вашингтон бројките на сојузниците варираа. Јавна тајна е дека во мисијата не учествуваа сите од, официјално, 43-те земји-партнери. Најсилниот партнер на САД во војната во Ирак се разбира беше Велика Британија. Тогашниот британски премиер Тони Блер испрати 46.000 војници во борбата против режимот на Садам Хусеин. Од нив, денес останаа уште 4.100. Најголемиот дел од нив треба да се повлечат во март 2009. Во земјата ќе останат само неколку стотини, кои ќе ги обучуваат ирачките војници.

Америка останува сама

Американските трупи во Ирак остануваат сами. Според плановите тие треба да се повлечат оттаму до 2011. година. Коалиционите партнери не беа вклучени во спогодбата за стационирање на трупите, што Американците ја договорија со властите во Багдад. Практично, од многубројните сојузници, на крај останаа само Британците. Останатите веќе го имаа напуштено Ирак. На пример, Грузијците се повлекоа во август, Полјаците во ноември. Другите си отидоа сосема неупадливо, впрочем какво што беше и нивното присуство во Ирак. Тонга го повлече својот мини-контингент, исто како и Азербејџан и Македонија.

Ал-Малики: Ирак веќе нема потреба од странски војници

Iraks Präsident Maliki besucht Militärbasis in Tikrit
Ирачкиот премиер Нури Ал МаликиФотографија: AP

Само Лондон се` уште се колебаше дали треба да и` стави крај на мисијата во Ирак, која не уживаше којзнае каква популарност. Ирачкиот премиер Нури Ал-Малики, при една неодамнешна средба со неговиот британски колега Гордон Браун, се заблагодари за учеството на Велика Британија во мисијата, со уверување дека наскоро Ирак нема да има потреба од странски војници. Британските трупи, инаку ,беа одговорни за југоисточниот дел на Ирак, посебно за пристанишниот град Басра. На почетокот се чинеше дека подобро им оди од рака да воспостават ред и мир, за разлика од Американците кои беа одговорни за северот на земјата. Но, излезе дека тоа било само илузија. Контролата врз Басра ја презедоа радикални шиитски групи. Британците на крајот се предадоа и се повлекоа во базата на аеродромот, каде се` уште се наоѓаат.

Времетраењето на мисијата било „разумно“

Мирот во Басра се врати дури по интервенцијата на ирачките безбедносни трупи. Присуството на британските војници веќе беше излишно. Досега на Лондон не му успеа да склучи договор за стационирање на трупите со Багдад, како што тоа го направи Вашингтон, со што би се регулирал статусот на британските војници по истекот на мандатот на мисијата на ОН. Можеби во последните денови од годината може да дојде до ваква спогодба. Сепак, се чини дека за најважната работа сите се согласни: времетраењето на британската мисија било „разумно“.

Irak Basra irakische Soldaten übernehmen Stützpunkt der Briten
Ирачки војник со националното знаме при преземањето на контролата врз БасраФотографија: AP