1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести интернешнл бара јакнење на цивилното општество

Кај-Александер Шолц/ Александра Трајковска23 мај 2013

Годишниот извештај на Амнести интернешнл ја разгледува состојбата во 159 држави и претставува „атлас за повредите на човековите права“. Тежишни точки на извештајот се заштита на граѓанските права.

https://p.dw.com/p/18cSU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Организацијата за заштита на човековите права Амнести интернешнл во својот „Годишен извештај 2013 за состојбата со човековите права во светот“ нагласува колку е важна работата на невладините организации за развој на цивилните општества во многу земји. Во измината година многу влади се обиделе повторно да им одземат одредени слободи на своите граѓани. Со закони и бирократски шиканирања држави како Русија, Етиопија, Египет и Бангладеш ја попречуваат работата на невладините организации.

„Фокусот го ставаме на поддршка на невладините организации, бидејќи тие честопати се движечка сила за заштита на човековите права“, рече Селмин Чалискан, од март годинава новата генерална секретарка на Амнести интернешнл Германија, при претставувањето на годишниот извештај вчера (22.05.) во Берлин.

Застрашувачко влијание

Еден пример е состојбата во Русија, наведува Амнести. По новиот закон за меѓународните невладини организации, тие се се сметаат за странски агенти и морат да се регистрираат во Министерството за правда. Во март беа спроведени претреси на канцелариите на многу невладини организации во Русија. Илјадници организации се загрозени, предупреди Чалискан: „Цел на оваа мерка е и тоа да се уништи руското цивилно општество“. Со тоа што ќе се фрли сенка врз работата на странските невладини организации од страна на политиката и медиумите, самите Руси се заплашуваат од општествен ангажман. „Со тоа се уништува процесот на отворање, на перестројка, што започна во 1980-тите години“, резимираше генералната секретарка на Амнести интернешнл Германија.

Во Етиопија невладините организации работат во клима на страв, наведе понатаму Челискан наведувајќи уште една пример за земја каде е влошена состојбата со човековите права. Таму „никој повеќе не се осмелува да врши политички активиности“. Пред се' сиромашните луѓе без невладините организации остануваат без помош за да ги спроведат своите права.

Amnesty International Jahresbericht 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Уганда според наводи на Амнести интернешнл се затворени 38 невладини организации. Тоа е и причината поради која медиумите таму можеле да извршат „прогон на хомосексуалците“.

Исто така и развојот во Египет бил загрижувачки. Големиот број пречки за работата на невладините организации било „предавство на политичкиот народен бунт“ во Арапската пролет. „Сепак се надеваме на позитивна промена во Египет преку цивилното општество“, рече Челискан за ДВ и „ќе ги поддржуваме луѓето таму“.

Бројот на бегалци е многу голем

Во фокусот на годишниот извештај на Амнести интернешнл се наоѓа и бројот на бегалците. Според организацијата во 2012 година во целиот свет имало 43 милиони бегалци. 15 милиони од нив според Амнести интернешнл живееле надвор од нивните татковини. „Овие бројки се многу високи, толку високи како последен пат во 1990-тите години“, рече генералната секретарка. Само како последица на граѓанската војна во Сирија имало четири милиони внатрешни бегалци и 1,4 милиони луѓе кои успеале да побегнат во странство.

Таму и во други региони на светот на многумина бегалци им е попречен патот до соседните држави, додека оружјето честопати можело да ги мине непречено истите граници „Тоа е скандал“, рече Чалискан. Оттука голем успех е тоа што ОН на почетокот на април, по 20 години преговори усвои договор за контрола на глобалната трговија со оружје. „Договорот ќе спаси многу човечки животи“, оценува Чалискан.

Меѓутоа за овој договор да стапи во сила мора да биде ратификуван од 50 држави. Изминатата среда германската влада ги одобри новите одредби на ОН. Тоа беше најраниот можен термин, соопшти министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Портпаролот на владата Штефан Зајберт преку Твитер соопшти дека германската влада се надева, дека договорот ќе стапи што е можно поскоро во сила.

Заштита за жителите во сламовите

Челискан говореше и противправните принудни иселувања на лица. Според Аменсти интернешнл во летото 2012 година на пример во Нигерија биле срушени 10.000 куќи и нивните жители станале бездомници. Исто така во Бразил минатата година биле протерни голем број луѓе од нивните домови „за во пресрет на светското фудбалско првенство и олимписките игри да се направи место за инфраструктурни проекти или за на светот во рамките на спортските манифестации да му се покаже разубавена слика од земјата“.

Вкупно Амнести интернешнл документираше принудни иселувања во 36 држави во светот. Од тоа особено често се погодени жителите на сламовите.