1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести интернешнл и’ укажува на Македонија каде да се подобри

АМ/миа8 јуни 2013

Енди Гран, одговорен за Македонија во меѓународната организација за почитување на човековите права Амнести интернешнл (АИ), во интервју за новинската агенција МИА изнесува бројни забелешки до земјата.

https://p.dw.com/p/18mAt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Една од грижите на Амнести интернешнл е „владиното влијание врз медиумите“ во Македонија.

„Нешто што е многу важно е новиот закон за медиуми да биде подготвен во дијалог со претставници на новинарите. Ако добро се сеќавам, Здружението на новинари на Македонија не беше целосно задоволно со овој закон. Важно е да се консултираат новинарите во спроведувањето на овие закони за да се заштити слободата на печатот“, вели Енди Гран од Амнести интернешнл и додава:

„Има судски случаи против новинари со кои се замолчува слободата на печатот, како и случаи како апсењето на Велија Рамковски од А1, што прати порака на заплашување кон новинарите. Потоа, конечно, загриженост за полициско насилство. Се разбира тука е случајот на убиството на Мартин Нешковски, кое беше видено како симптом на поширокиот проблем на насилство на полицијата кон луѓето, особено притворениците“.

Гран вели дека во Амнести интернешнал „има постојана загриженост за последиците од конфликтот од 2001 година и неказнувањето на воените злосторства“.

„Четирите случаи, кои беа под надлежност на Хашкиот трибунал и кои потоа беа вратени во Македонија, како што знаете, беа поништени и беше решено дека нема да се води истрага или судење за нив во Македонија. Амнести интернешнл ова го смета како погрешна порака кога се работи за кршење на човековите права во услови на војна и е пример на неказнување на воени злосторства, и место да има судење, ништо не се прави. Ова е една област на загриженост“, нагласува Гран.

Тој потенцира дека во Амнести интернешнал велат оти „со тоа се прави преседан да не се казнуваат воени злосторства“.

Archäologisches Museum in Skopje
Скопје 2014 ги подгрева меѓуетничките тензииФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

„Таков преседан, долгорочно, ќе предизвика повеќе проблеми. Оттаму, нашата организација е цврсто посветена на барање да се спроведе правдата во вакви случаи“, објаснува Гран.

Амнести интернешнл наведува критики за проектот Скопје 2014.

„Спомениците од 2014 се еден пример на нешто што можеби придонесува кон тензични меѓуетнички односи“, забележува одговорниот за Македонија во оваа организација.

Во однос на спорот со Грција и положбата на македонското малцинство во оваа земја, Гран вели дека „немало фокус на Амнести интернешнал кон Грција, за прашањата на малцинствата, за употребата на јазикот и образованието, за симболите, за лицата кои се сметаат дека се надвор од грчката нација“.

„Како поединец, а не како претставник на Амнести интернешнл, можам да кажам дека сте во право дека состојбата во Грција и прашањето на положбата на македонското етничкото малцинство дефинитивно придонесува кон антагонизам во регионот и ги влошува тензиите со Македонија. Лично можам да кажам дека тоа е проблем. Знам дека таму ве викаат Фиромјани или Скопјани. Но, тоа не било во фокусот на истражување на Амнести интернешнл кон Грција. Како граѓанин на САД, земја која ја призна Македонија под уставното име во 2004 година, и во моите текстови, јас секогаш велам Македонија. Сметам дека овој спор е несреќен, но Амнести интернешнл има проблем со тоа што сака да избегне влегување во над-национална политика, мора да биде објективна, и да не зазема страни во вакви прашања. Лично, би сакал АИ да заземе став за ова, но ова е дел од пошироката посветеност на АИ да избегнува поларизирачки политички ставови, за да го зачува статусот на објективност и неутралност“, вели Гран.

Тој нагласува дека Македонија би можела да биде регионален лидер во почитувањето на човековите права, истовремено предупредувајќи на посочените забелешки.