1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнести: Човековите права во Македонија се влошени

ЕМФ/ Амнести Интерненшнл24 мај 2012

Организацијата за човекови права Амнести Интернешенл во својот годишен извештај констатира дека во 2011. година во Македонија имало влошување на почитувањето на човековите права.

https://p.dw.com/p/151f6
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Амнести Интернешнл во делот за Македонија наведува дека во 2011. година се заостриле тензиите меѓу различните етнички групи во земјата: „Повод беше изградбата на националистички споменици, кои се однесуваат на етничките Македонци. Во февруари етничките Албанци, меѓу кои и претставници на ДУИ, се обидоа да спречат изградба на музеј во форма на црква на Калето во Скопје. Притоа беа повредени осум лица. Во октомври беше прекинат пописот на населението непосредно по почетокот, поради тоа што не можеше да биде постигната согласност дали етничките Албанци кои живееле надвор од Македонија подолго од една година треба да се бројат или не“, се наведува во извештајот.

Logo Amnesty International

Во делот за кривично гонење на воени злосторства, организацијата за човекови права потсетува дека во јули 2011 година беше надополнет Законот за амнестија од 2002. година, со што „од кривично гонење беа ослободени лицата кои учествувале во вооружениот конфликт од 2001. година, освен во случаите кои се под јурисдикција на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг“. Амнести Интернешенл оценува дека „според надополнувањето (Автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија н.з.) четирите случаи за воени злосторства кои Меѓународниот суд и‘ ги врати на Македонија во 2008. година можат да бидат третирани само од страна на Меѓународниот суд во Хаг, но не и од страна на домашните судови, со што Македонија ги прекрши своите меѓународни обврски“.

Mazedonien Justiz Appellationsgericht
Фотографија: Petr Stojanovski

Забелешки на сметка на Македонија има и во делот на полициското делување. „Злоставувањата од страна на полицијата и натаму не се казнуваат. Обвинителствата не успеваат ефикасно и темелно да ги проверат обвинувањата. И натаму има извештаи за злоставувања од страна на полициските единици Алфи“, оценува Амнести во извештајот во чие продолжение е споменато убиството на Мартин Нешковски и бранот протести што тоа ги предизвика, како и апсењето на припадникот на Тигрите и отворањето на кривичната постапка во случајот, во ноември 2011. година.

Во извештајот е содржан и случајот на Калед ел Масри и неговата жалба против Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур. Што се однесува до правото на слобода на изразување на мислењето, Амнести Интернешнл оценува дека „новинарите и соработниците во независните медиуми во 2011. година сметаат дека правото на слободно изразување на мислењето им било се‘ повеќе попречувано поради интервенции на владата“, што опфаќа широк дијапазон потези „од директни обиди за заплашување се‘ до контрола врз рекламните агенции“. Наведено е дека до октомври биле покренати тужби за клевета во 105 случаи, голем дел од страна на владини претставници. Особено е потенцирана високата казна во случајот на новинарката на Фокус, Јадранка Костова. „Во јануари властите ги замрзнаа сметките на телевизијата А1, како и со нејзе поврзаните весници Време, Шпиц и Коха е Ре, кои беа критички настроени кон владата. Претходно, во декември 2010. година, уапсени и затворени беа сопственикот на А1 ТВ и 14 други лица, осомничени за измама и затајување данок. Врз процесот што следуваше се вршеше силно политичко влијание, а освен тоа има и забелешки поради должината на притворот“, се вели во извештајот на Амнести, во кој стои уште и дека „промените на Законот за радиодифузија донесоа засилена контрола од страна на владата врз Советот за радиодифузија, кој е надлежен за електронските медиуми“.

NO FLASH Fernsehsender TV A1 Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

На крајот на извештајот, посветен на дискриминацијата, е наведено дека во јануари 2011. година стапил во сила Законот за антидискриминација, дека се продолжува со спроведување на Охридскиот рамковен договор, но и декасегрегацијата на децата етнички Албанци и Роми во образовниот систем продолжува“. Македонија во јули 2011. година го презеде претседавањето со „Декадата на интеграција на Ромите“, но како што е констатирано до страна на Амнести, „не успеа да стави на располагање доволно средства за спроведување на соодветните акциони планови или национални стратегии за поттикнување на жените Ромки“.

Roma Kinder in der Schule in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Во текот на изминатата година, наведува организацијата за човкеови права, во Македонија живееле 1519 баратели на азил, од кои 1100 Роми и Ашкали од Косово. Министерството за труд и социјална работа „не им дало финансиска поддршка или сместување, иако, според еден договор за интеграција од 2010 година било обврзано на тоа“.