1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амос Оз ја доби Гетеовата награда за поетски остварувања

28 август 2005

Израелско палестинскиот конфликт може да се оконча само преку решението за создавање две одвоени држави, друга алтернатива нема – изјави израелскиот писател Амос Оз, кој денеска на пладне ја доби Гетеовата награда на градот Франкфурт дотирана со 50.000 евра.

https://p.dw.com/p/AeUX
Амос Оз на Саемот на книгата во Лајпциг
Амос Оз на Саемот на книгата во ЛајпцигФотографија: dpa

Ова ќе биде многу болна операција на раздвојување за обете страни, но уверен сум дека мнозинството како на Израелците, така и на Палестинците се подготвени за такво компромисно решение, порача израелскиот поет Амос Оз, кој со години се залага за мир на Блискиот исток. Запрашан како гледа на повлекувањето на израелските населби од Појасот Газа и какви се шансите за повлекување и од Западниот брег на реката Јордан, Оз во ексклузивното интервју за ДВ оцени:

„Ако Палестинците одговорат со уште повеќе насилство и тероризам на едностраното повлекување на Израел од Газа, тогаш нема да има повлекување од населбите на Западниот брег. Ако пак од палестинска страна дојде гест на мир и засилување на мировно движење, тогаш има шанси да се постигне спогодба и за Западниот брег.„

Запрашан како поет кој се ангажира за мир, дали смета оти неговите дела имаат и политичко влијание, Амос Оз, рече:

„Ова е најтешкото прашање од сите можни, бидејќи нема начин да се измери влијанието на литературата врз читателот. Јас секако се надевам дека моите книги влијаат, но тоа никогаш нема да го дознаеме!„

Наградата му се доделува на Амос Оз токму на денот на раѓањето на големиот германски поет и мислител, Јохан Волфганг фон Гете. Наградата се доделува секои три години и тоа од 1927. и меѓу досегашните добитници се вбројуваат имиња како таткото на психоанализата, Зигмунд Фројд, славниот режисер Ингмар Бергман и многу други.