1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анан бара поголем притисок врз Сирија

ЖА/дв12 јули 2012

Посредникот на ОН Кофи Анан бара здружен притисок од Советот за безбедност кон сирискиот режим. Русија и натаму е против воведување санкции против Дамаск.

https://p.dw.com/p/15ViB
Фотографија: Reuters

Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан го повика Советот за безбедност да изврши притисок врз страните во конфликтот во Сирија и оние кои не се придржуваат на мировниот план мора да почувствуваат консеквенци. Членовите на Советот треба да ги остават настрана националните интереси, изјави Анан на затворената седница на највисокото тело на ОН. Повеќе земји во Советот за безбедност, меѓу нив и Германија, предложија нова резолуција за Сирија. Во неа се бара од сирискиот претседател Башар ал Асад во рок од десет дена да ги запре нападите на армијата врз народот, во спротивно му се закануваат санкции. Русија меѓутоа и натаму се противи на воведување мерки против владата во Дамаск.

Сирискиот амбасадор во Ирак Наваф ал Фарес во знак на протест против воените репресии на силите на претседателот Башар ал Асад врз цивилите и опозицијата за време на 16-месечното востание во земјата се приклучи на опозициските сили. Ал Фарес, кој бил поврзан со службите за безбедност, е првиот високо позициониран сириски дипломат кој му сврте грб на режимот на Асад. Тој потекнува од Деир аз Зур, каде владините единици извршија жестоки репресии против цивилното население и вооружената опозиција.