1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анан го поздрави зајакнувањето на набљудувачката мисија во Сирија

СН/ЕМФ/ртр/дпа/миа/афп22 април 2012

Меѓународниот посредник Кофи Анан изјави дека одлуката на Советот за безбедност на ОН за испраќање на 300 набљудувачи на примирјето во Сирија е „клучен момент за стабилизација на ситуацијата во земјата“.

https://p.dw.com/p/14jAD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прекинот на огнот во Сирија, според извештаите на опозициските активисти во земјата, денеска (22.04) повторно бил прекршен од страна на владините трупи. Еден ден откако Советот за безбедност на ОН донесе одлука за зголемување на бројот на членови на набљудувачката мисија на 300, сириските безбедносни сили извеле нови масивни напади, пред се’ во предградија на главниот град Дамаск. Некои населби се цел на артилериски оган, а во други армијата навлегла со оклопни возила, велат очевидци кои се цитирани од страна на опозицијата. Во меѓувреме, ОН соопштија дека во завојуваниот град Хомс за почеток стационирале двајца набљудувачи од предводничката мисија која веќе е во Сирија.

„Пресвртен момент“

Специјалниот пратеник на ОН Кофи Анан денеска во Женева изјави дека вчерашната одлука на Советот за безбедност на ОН за испраќање 300 невооружени воени набљудувачи во Сирија преставува пресвртен момент за стабилизација на земјата.

UN-Sicherheitsrat tritt zur Verabschiedung einer Syrien-Resolution zusammen
Советот за безбедност на ОНФотографија: Reuters

Во соопштението Анан ги повикува како владините сили во Сирија, така и опозициските борци, да го положат оружјето и да работат со меѓународните набљудувачи во насока на консолидација на примирјето кое стапи во сила пред десет денови.

„Пред се’, владата на Сирија мора да се откаже од употребата на тешко вооружување и да го повлече таквото оружје и воените единици од населените места и целосно да ги исполни нејзините обврски од планот од шест точки“, порача Анан, мислејќи притоа на мировниот план кој го прифатија двете страни по 13 месеци конфликт.

Советот за безбедност на ОН вчера едногласно ја одобри резолуцијата со која се зголемува од 30 на 300 бројот на набљудувачите во Сирија и се повикува на итен прекин на насилството, кое трае и по стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот.

Прифатената резолуција од страна на 15-те членки на Советот му дозволува на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун да одлучи кога ќе бидат испратени дополнителните невооружени набљудувачи, зависно од развојот на ситуацијата во Сирија.