1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел положи заклетва во Парламентот

22 ноември 2005

Пред околу еден час во германскиот Бундестаг новата канцеларка Ангела Меркел и официјално положи заклетва.

https://p.dw.com/p/AcB6
Новата канцеларка се колне пред словото на Уставот
Новата канцеларка се колне пред словото на УставотФотографија: dpa

Пред Претседателот на Парламентот Норберт Ламерт и целиот состав на новото законодавно тело, Меркел изјави:

„Се колнам дека ќе и‘ ја посветам својата сила на добробитта на германскиот народ, дека ќе ја зголемувам ползата и ќе ги отстранувам штетите, дека ќе го почитувам и штитам уставот и законите и дека ќе ги исполнувам обврските најдобро што можам и дека ќе бидам праведна кон секого – Господ нека ми е на помош!„

Веднаш по полагањето заклетва седницата на Парламентот беше прекината за новиот канцелар да ги поведе министрите на новата влада кај Претседателот на државата Хорст Келер, кој во меѓувреме им ги врачи повелбите за именување. Веднаш потоа и тие треба да дадат заклетва пред парламентарците.

Овој раздвижен и многу динамичен ден почна со седницата на Бундестагот на која со нетрпение се очекуваше гласањето за наследникот на досегашниот канцелар Герхард Шредер.

„Со да гласаа 397 пратеници...„ аплауз

Овие зборови на Претседателот на Парламентот Норберт Ламерт беа последната потврда дека Германија за прв пат во историјата доби жена за канцелар. Очите на политичарите и набљудувачите при тоа беа насочени повеќе кон бројот негативни гласови од пратениците, бидејќи до пред самата седница се ширеа гласини дека во тајното гласање повеќемина пратеници од редовите на Социјалдемократската партија би можеле да гласаат против водачот на големата коалиција, во која членува и нивната партија.

Со „не„ имено гласале 202 пратеници, што се‘ на се‘ значи дека 51 пратеник од редовите на владеачките партии се изјасниле против Меркел како канцелар. Ваквиот резлутат наиде на различни толкувања од партиските лидери. За шефот на собраниската група на опозиционите Либерали, Волфганг Герхард, ова е знак за нестабилност на идната влада:

„Оној кој има речиси 450 места во Парламентот и при вака важно гласање мора да се откаже од 50 гласа, тој не може никому да му раскажува дека тоа бил одличен резултат.„

Оваа полемичка забелешка се однесува на неговиот колега што ја води собраниската група од редовите на конзервативната Унија, Фолкер Каудер:

„Резлутатот го сметам за навистина добар, особено ако се сетам на големата коалиција што ја предводеше Курт Кизингер во 60-тите години, кога му недостасуваа дури 100 гласа од вкупниот број со кој располагаше неговата коалиција. Споредено со тоа, ова е одличен резултат, што не го остварил до сега ниту еден друг германски канцелар.„

Генералниот секретар на Социјалдемократската партија Хубертус Хајл ги отфрли сомневањата дека големиот број негативни гласови доаѓа од редовите на неговата партија и дека тоа би можело да ја оптоварува способноста за функционирање на новата влада:

„Денеска поставивме солидна основа. Сметам дека овој резултат и‘ дава на новата влада широка основа. Веруам дека ова мнозинство ќе ја носи влада цели четири години, а сега треба да се насочиме кон она што од нас го очекуваат луѓето – имено решавање на проблемите.„

Владата што ја предводи 51-годишната физичарка по потекло од источните германски покраини има седуммина министри од редовите на конзрвативните партии на ЦДУ и ЦСУ, додека осум се од СПД. Ова е втор пат во поновата германска историја да владее голема коалиција од двете народни партии, кои до сега речиси 40 години беа лути непријатели на политичката сцена.

Попладнево во 16 часот продолжува седницата на Бундестагот со заклетвите на 15-те министри од новата влада, додека за 17 часот е веќе закажана и прва седница на кабинетот под раководство на канцеларката Ангела Mеркел.