1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Англија не се квалификува за ЕП во фудбал!

22 ноември 2007

Португалија, Русија, Турција и Шведска го фатија последниот воз за учество на Европското фудбаско првенство догодина во Австрија и Швајцарија. Германија со анемично реми, а Македонија со пораз ги завршија квалификациите.

https://p.dw.com/p/CQOS
Од синоќешниот дуел Германија - Велс: Марио Гомес не успеа да ја пробие одбраната на ВелшанитеФотографија: AP

Татковината на фудбалот е во шок – за прв пат по 24 години Англија нема да учествува на Европското првенство. Англичаните ја имаа судбината во свои раце, но не ја искористија шансата што им ја отвори Израел во саботата победувајќи ја Русија. Им беше нужна победа против Хрватска, а се поразени со 3 спрема 2 - така Русија со минималната победа од 1 спрема 0 на гости кај аутсајдерот Андора обезбеди учество на ЕП.

Англискиот селектор Стив Мекларен ја презема одговорноста за неуспехот, но одби да поднесе оставка: „Не, не се повлекувам. Моја е одговорноста и го прифаќам тоа – моја работа беше да направам да се квалификуваме и јас не успеав во тоа“, рече Мекларен. Тој, сепак, денеска доби отказ по вонредната седница на Фудбалската асоцијација на Англија.

Турците им приредија радост на навивачите во земјата и во Европа

За разлика од Англичаните, Турците ја искористија шансата – победата над Босна и Херцеговина од 1 спрема 0 ги одведе на Европското првенство, по трет пат по ’96-та и 2000-та. Главната работа тие ја завршија во саботата со победата на гости против директниот конкурент Норвешка, па синоќешната победа на Норвежаните над Малта со 4 спрема 1 испадна беззначајна. Успехот на Турција беше прославен и од Турците во Германија.

„На крајот сме многу среќни што се пласиравме“ – вели еден од овдешните навивачи на Турција. „Се чувствувам многу убаво. Ние сме во Европа“ – додава друг.

Европскиот вицешампион Португалија „се провлече“ со нерешениот резултат дома 0 спрема 0 против директниот конкурент Финска. Србите, со нерешениот резултат 2 спрема 2 дома против Полска, си ги упропастија изгледите, кои и онака беа повеќе теориски. Швеѓаните обезбедија учество на Европско првенство со победа од 2 спрема 1 на гости кај Литванија, иако им беше доволен и еден бод. А и без тоа, конкурентот Северна Ирска остана и без теориските изгледи по поразот од Шпанија со 1 спрема 0.

Крајот не ги украси делото на Германија во овие квалификации

Германските фудбалери ветуваа шанси, голови и победа против Велс во Франкфурт како круна на успешниот настап во целиот квалификационен циклус. Но, синоќа разочараа со анемична игра, без решенија за добро организираниот противник, што се’ заедно резултира со нерешен исход 0 спрема 0.

Сојузниот тренер Јоахим Лев оцени: „Противникот денес енормно ни ја отежна работата. Велшаните се бранеа навистина вешто и не исфрлија од ритам. Мора и самокритички да се каже дека ние поради многу ситници не успеавме да изградиме игра со течни акции, како што посакувавме“.

Можеби во потсвест на играчите им беше фактот дека како второпласирани во групата имаат шанси да добија полесни противници при извлекувањето на групите за Европското првенство.

Македонија солидна – може ли и повеќе во иднина?

Македонските фудбалери немаа сили за уште еден подвиг по успехот во саботата против Хрватска на калливиот терен во Скопје. Сепак, и покрај поразот синоќа од Израел во Тел Авив со 1 спрема 0, оставија солиден впечаток, дотолку повеќе што екипата настапи десеткувана. Во квалификациите македонската селекција покажа дека има пристоен потенцијал и оти селекторот Сречко Катанец од него направи цврст тим, од кого во иднина може да извлече уште повеќе.

К. Копс / З. Јордановски