1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антиевропски демонстрации

3 февруари 2006

Протестите против карикатурите за Мухамед стигнаа и до Јужна Азија. Муслимански демонстранти денеска ја атакуваа данската амбасада во главниот град на Индонезија, Џакарта и го палеа данското знаме. На Блискиот исток вчера очигледно во врска со спорот за карикатурите, беше грабнат еден Германец, кој кусо време потоа беше ослободен:

https://p.dw.com/p/Ac9G
Палестинци го нападнаа бирото на ЕУ во Газа
Палестинци го нападнаа бирото на ЕУ во ГазаФотографија: AP

За младиот Германец кој синоќа беше грабнат во Наблус, драмата заврши бргу, зашто киднаперите сакале да грабнат граѓанин од Франција или Данска. Кога ја забележале грешката, ја пуштиле жртвата по помалку од еден час,а силите за безбедност уапсиле двајца киднапери. Грабнатиот инаку е германски учител кој работи во Набулс во рамките на програмата за помош „Надеж„ и веќе два месеца предава англиски. Доаѓа од близината на Хале и според сопствениот исказ и покрај инцидентот, ќе остане во Наблус.

Инаку, уште вчера припадниците на бригадите Ал Акса најавија дека ќе киднапираат Европејци. Тие бараат од хотелиерите во градот веќе да не примаат гости од Европа.

И во појасот Газа дојде до закани и демонстрации против Европејците и европските институции. Вооружени лица го блокираа бирото на Европската унија и изнудија негово затворање. Бригадите Абу Риш, екстремистичка терористичка група, која е поврзана со движењето Фатах, побараа од Европејците што што живеат во Газа да го напуштат тоа подрачје.

Ако европските влади не се извинат поради објавувањето на карикатурите, веќе нема да бидат сигурни. Меѓутоа, извинување од европските влади нема да има тврди евро-комесарката за надворешни работи Бенита Фереро Валднер:

„Исламската страна мора да сфати дека кај нас постои слобода на печатот и дека станува збор за поединци, а не за влади кои ги обајвија овие карикатури„.

Во палестинските подрачја заканите на екстремистите имаа дејство. Голем број Европејци уште вчера го напуштаа појасот Газа од безбедносни причини. Затворено е и германското претставничко биро. Еден од водачите на движењето Хамас во Газа, Махмуд Азахар синоќа демонстративно посети една црква. Хамас е подготвен, вели, да ги штити сите цркви и христијански училишта во појасот Газа со своите милиции, се додека силите за безбедност на автономните власти не бидат под негова команда.

Во меѓувреме, насилнички протести се случија и надвор од арапскиот свет. Во индонезискиот главен град Џакарта, милитанти ја нападнаа зградата во која е сместена данската амбасада, но не успеаја да стигнат до неа зашто е сместена на 25 кат на еден облакодер, па протестираа во лобито. Околу 300 демонстранти очигледно му припаѓаат на екстремниот „Исламски фронт за одбрана„. Околу 100 индонезиски полицајци го посматраа протестот што заврши по еден час, но не упасија никого.