1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикорупциска со прекршочни, СДСМ со кривични пријави

3 февруари 2012

Државната комисија за спречување на корупцијата одлучи прекршочно да ги гони претседателот и генералниот секретар на СДСМ, Бранко Црвенковски и Андреј Петров, како и управителот на згаснатата А1, Славко Нинов.

https://p.dw.com/p/13wUw
СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Комисијата утврдила дека Црвенковски го прекршил Законот за спречување корупција поради тоа што не го пријавил наследениот имот на неговата сопруга во Србија и во Хрватска. Од документацијата на Комисијата, како што потенцира претседателот на Комисијата, Воислав Зафировски, Црвенковски бил претседател на Владата кога неговата сопруга го добила наследството, а според законот, треба да се пријави и имотот на брачниот другар.

„Од изнесеното остануваат основани сомневањата дека Јасмина Црвенковска има имот кој нејзиниот сопруга бил должен да го пријави во анкетниот лист што се доставува не само до УЈП,туку и до ДКСК, рече Зафировски, додавајќи дека Комисијата ќе побара и испитување на целата имотна состојба на Црвенковски.

Андреј Петров, според Комисијата, не пријавил извор на финансирање на изборната кампања, додека Славко Нинов, управител на згаснатата А1 телевизија, го злоупотребил овластувањето.

СДСМ веднаш реагираше со најава дека ќе поднесе кривични пријави за „свесна злоупотреба на службената положба и овластување, против членовите ипретседателот на Антикорупциската комисија, Воислав Зафировски, заради поднесената иницијатива за прекршочни постапки против Црвенковски и Петров. Петров денеска (03.02) на прес-конференција нагласи дека СДСМ работи согласно сите позитивни законски прописи и оти од 6 до 28 октомври лани во СДСМ престојувал ревизорски тим од Државниот завод за ревизија во редовна контрола на финансиското работење, при што е прегледана целата правно-финансиска документација од предвремените парламентарни избори 2011 година.

Тој забележа дека во денешното излагање на претседателот на Државната комисија за спречување корупција ништо не било кажано за кампањата и потрошените средства од ВМРО-ДПМНЕ, во кои, како што тврди тој, има законски неправилности.

За иницијативата за прекршочна постапка против Црвенковски, Петров рече дека целта е да се оцрни лидерот на СДСМ.

„Каква врска има имот од далечната 1979 година со било какво сомневање во 2011 година? Впрочем, тогаш Бранко Црвенковски бил трета година гимназија. Да имаше тука некаков случај Груевски и ВМРО ДПМНЕ немаше да се симнат од ТВ екраните. Но, како што гледате, и оваа афера е за еднократна употреба со цел да се оцрни Бранко Црвенковски и неговото семејство“, рече Петров.

Автор: БГ/ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Е.М.Фиданоска