1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анти-мобинг програми на германските училишта

28 ноември 2011

Најнови студии потврдуваат дека во изминативе 20 години се зголемува насилството меѓу младите ширум Европа. Станува збор за тренд што училиштата сакаат да го спречат и затoa развиваат посебни превентивни програми.

https://p.dw.com/p/13BQK
Малтретиран и изолиран ученикФотографија: Fotolia/Mikael Damkier

Единаесет годишниот Филип бил сведок кога едно момче било нападнато од неколкумина други. Напаѓачите се појавија одненадеж и додека да забележи момчето тие веќе го опкружија, раскажува Филип: „Потоа сите ученици се собраа во круг и почнаа да се поттикнуваат меѓусебе да го тепаат...“

За среќа Филип само од далечина гледал како го тепаат младото момче. Неговата прва мисла била: „...Никој не сака да биде на негово место и да биде претепан. Но, сепак, сакаш да му помогнеш на другиот...“, вели Филип.

Мобиг значи кога некој е тепан, малтретиран, навредуван или, пак, е изолиран од другите. Новата варијанта на мобинг во училиштата се нарекува „булинг“, што во превод значи „силеџинство“. Случаите на ваков вид мобинг се небројани. Стравот кај учениците е голем.

„Силеџиство“ има речиси во сите училишта

Mobbing an deutschen Schulen
Мора да се спречи мобингот на европските училиштаФотографија: DW

Слични вакви случки има секојденвно и во дворот на ова училиште во Нојс-Норф. Во оваа област живеат надпросечно проблематични семејства. Од таа причина наставниците на основното училиште се одлучија да учествуваат заедно со нивните ученици во анти-насилничкиот тренинг наречен „Да се учи без насилство“. Цел на овој тренинг е да се создадат силни ученици и добра училишна клима, во која ќе може добро да се учи. Во тренингот учествуваат вкупно 200 ученици, објаснува наставникот Норберт Кемајер: „Мајките многу често им велат на децата: ако те навредува некој тргни се настрана и не слушај. Но, тоа не е доволно. Треба многу повеќе да се направи. Во целата ситуација голема улога игра говорот на телото. На тренингот токму тоа ги учиме децата.“

Со говор на телото се мисли: брадата и главата да се држат високо горе, телото да биде исправено....итн. Единаесет годишниот Морис објаснува како се чувствува кога така го држи телото и оди во училишниот двор: „Подобро, отколку да одам подгрбавен како осакатен.“

Но, покрај исправеното држење на телото, важен е и остриот говор, што ќе го оттргне напаѓачот, објаснува дванаесет годишната Ванеса: „Некои едноставно велат: ’Стој, стоп, јас не сакам тоа’, доколку на пример некој му се приближи. Тогаш ја испружуваш раката и како да сакаш да кажеш ’стој!’“.

Говорот може да биде главното оружје на напаѓачот

Gewalt an der Schule
„Силеџиство“ во училишниот дворФотографија: DPA

„Зборот ’жртва’ е доволно лоша навреда. Но, се’ што ќе се каже полошо од тоа не го дозволувам“, вели дванаесет годишната ученичка. Покрај учениците се обучуваат и наставниците во семинар составен од два дела. Но, вклучувањето на родителите во овој тренинг беше разочарувачки. Од двесте брачни двојки дојдоа едвај дваесет. Ова меѓутоа, го потврдува трендот дека родителите сакаат голем дел од воспитувањето на децата да им го префрлат на наставниците, вели наставникот Норберт Кемајер.

И Сибиле Вандерс го забележала овој тренд. Таа е иницијаторката на иницијативата „Да се учи без насилство“ што се спроведува ширум земјата. Сибиле е дипломиран педагог за спорт и смета дека седењето мирно за време на часовите и молчењето не се многу добри методи. За време на игрите со движење децата учат да се движат самоуверено, да ги спречат насилниците без насилство и учат како да избегнат конфликти. Но, дали сето ова помага и во конкретни случаи? „Доколку некој те држи, или, пак, подолго време те туркаат од едно до друго место, тогаш имаш време да размислиш и да ги употребиш трите фази на самоодбрана“, објаснува Сибиле Вандерс.

Тие фази, пак, гласат: испитај ја ситуацијата и побарај помош, второ, пробај да побегнеш и трето, доколку не може поинаку, тогаш самиот треба да употребиш насилство за да се одбраниш.

Автор: Дафне Гратвол / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска